Пет дена пред референдумот решивме да провериме колку граѓаните знаат за содржината на Договорот за името и дали в недела можат да донесат одлука базирана на вистински информации. Наши екипи беа во скопското село Јурумлери, во Тетово и Велес.
Ова е анкетата од Велес:
Велес, една недела пред 30-ти септември. Ако се суди по иконографијата, атмосферата во центарот на градот е еднакво пред-референдумска колку што е и пред-новогодишна. Но, фактот што во најраздвижениот дел од градот има повеќе заборавени украси и само еден пропаганден билборд за претстојниот плебисцит, не значи дека на велешани им е сеедно за што ќе се гласа во недела.
„Јас би го искористила моето право лично да гласам за или против без разлика на самата пропаганда од едната или другата партија“.
„Да, се знае ќе излеземе“.
„Не сум запознаен добро со тоа, но во секој случај ќе излезам, зошто да не“ – велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Но, дали пропагандата на политичките кампови „За“ и „Против“ беше доволно добра за гласачите во Велес да донесат информирана одлука на 30-ти?
„Што разбравте од досегашната кампања во однос на референдумот?“
„Се’“ – ни одговори една велешанка.
„Ќе може кратки блиц прашања да ве провериме? Еве на пример, дали со договорот со Грција, јазикот ќе остане македонски, ќе биде северномакедонски или македонски со фуснота?
– Македонски.
Овој граѓанин го знаеше точниот одговор. Но, многумина други или не знаеја или велеа дека не ги интересира.
„Македонскиот јазик ќе биде северномакедонски, ние можеме да си викаме македонски, но во странство каде ќе не цитираат ќе речат северномакедонски или јазикот на граѓаните на северна Македонија“.
„Искрено не сум доволно запознаена, но сметам дека треба да остане македонски“.
„Се е во најдобар ред, се ќе биде во ред. Се ќе биде македонско“.
„Па треба македонски, ние сме си македонски и не отстапуваме од тоа“.
„Да ти кажам право ич не ме засега како ќе биде. Само нека помине“.
„Со оглед на тоа дека не се гледам дека тука ќе останам во иднина и мислам дека не ме ни интересира“ – ни одговорија овие луѓе кои ги сретнавме во центарот на градот.
Во однос на етно-културниот идентитет, договорот предвидува придавката македонски да се користи и за народот. Но, колку се информирани граѓаните?
„Дали со договорот етничките Македонци ќе останат Македонци или ќе се преименуваат во северномакедонци?“
„Не знам тоа си е прашање на тие што си се во таа структура на луѓе“.
„Македонци“.
„Искрено не би знаела“.
„Македонци. Сите ќе си бидат Македонци. Како што си било, така ќе си остане“ – велат граѓаните.
Поставивме и навидум банално прашање – за опсегот на употреба на новото име Република Северна Македонија. Според договорот, тоа ќе се користи во сите официјални контексти и документи – дома и надвор: од НАТО и ЕУ, преку билатералните односи со сите држави, пасошите и личните карти, до имињата на институциите.
– Опсегот на употребата на името ќе биде за домашна или меѓународна употреба?
„Меѓународна“.
„Новото име се предвидува за ерга омнес, за дома и надвор“.
„За сегде. Се е убаво“.
„Тоа треба да си го решат политичарите“.
„За меѓународна употреба“ – сметаат велешани.
Време за правилно информирање на граѓаните има се помалку.
Напишете коментар