Зградите на МЕПСО и на Македонска пошта се соседи на кејот. Ги разликува тоа што енергетската компанија, која лани имала приход од 89 милиони евра и 7 милиони добивка, ја води СДСМ, а Пошта, која лани имала 19,5 милиони евра приходи и еден милион евра загуба, со години ја води ДУИ.
Во новата влада, коалициските партнери ќе ги заменат местата. Првпат по подолго време СДСМ ја добива Пошта, а првпат воопшто ДУИ го добива директорското место во МЕПСО.

Според информациите на „360 степени“ веќе се договорени и дел од другите „крупни“ директорски фотелји. Освен Пошта, ДУИ по подолго време ги отстапува и Фондот за ПИОМ, „Македонски железници-инфраструктура“ и „Македонија пат“ каде ќе седнат кадри на СДСМ. Социјалдемократите пак се откажале од „Државни патишта“ каде ќе дојде кадар на ДУИ.

Откако партнерите ќе ги поделат местата, останува најважното – кој ќе ги води тие институции? Досега, и покрај задолжителните конкурси, на тие позиции седнуваа партиски кадри. Пред две и пол години, министерот за администрација Дамјан Манчевски вака ја бранеше таа пракса.

„Значи вие треба да треба да имате тим, клучна екипа која треба да ја спроведе програмата на владата. Ако е тоа не е така, тогаш ние не треба да правиме програма на Влада. Треба да избереме професионалци коишто никој не ги познава и сите да си спроведуваат тоа што сакаат,“
рече Манчевски на 6 март 2018 година.
Од таа изјава до денес токму Манчевски туркаше да се донесе Закон за висока раководна служба, според кој, државните секретарите и барем дел од директорите, би се бирале по професионални, а на по партиски заслуги. Но, предлог-законот е заглавен во собраниска процедура уште од лани во декември.

„Законот го помина првото читање во Собрание. Тој може да се донесе пред изборот и именувањето на новите функционери, на новите директори на одредени институции во извршната власт. Затоа велам дека сега е вистинското време да се обидат да го стават во примена овој закон и да демонстрираат политичка одговорност дека навистина на високите одговорни позиции ќе дојдат квалитетни луѓе со компетенции и дека тој процес ќе биде отворен за сите оние кои е заинтересирани да ги предводат институциите“,
вели Неда Малевска Сачмароска – Центар за управување со промени.
Суштински, предлог-законот предвидува пракса спротивна од сегашната – политичките партии да не избираат „свои“ кадри, туку да се изберат најкомпетентните кандидати. Гаранција за партиите дека непартиските кадри нема да се претворат во соло-директори е тоа што избраните професионални кадри ќе мора да се залагаат за спроведување на политиките на Владата.
Малеска – Сачмароска од Центарот за управување со промени, организација која учествуваше во изработката на законот, вели дека без законот, ќе продолжи познатата шема.
„Ако почнеме со примена на овој закон, веќе ќе воспоставиме процес, ќе имаме барем малку изземање на тие влијанија на политиката врз функционирањето на институциите. Исклучително важно е да имаме професионалци на тие места“,
вели Малевска Сачмароска.
Сепак, речиси и да нема шанси новите директори да се изберат според нови правила. Владејачките ДУИ и СДСМ обвинуваат дека причината е што ВМРО-ДПМНЕ го кочи законот со бројни забелешки. Планот на СДСМ е законот одново да влезе во процедура, откако ќе се изберат комисиите во Собранието. Но, носењето на законот може да трае и два месеца, а роковите во него предвидуваат цели девет месеци за формирање на Комисијата која треба да ги спроведува постапките за избор на директорите.

„Тоа ќе значи дека доколку има некакви промени на раководни места на институции, ќе мора да се прават согласно сегашните законски решенија, но, она што кажавме и минатиот пат и сега повторно го декларираме дека веднаш по донесување на законот, сите постоечки носители на јавни функции, односно по ново висока раководна служба, ќе мора да поминат низ тој филтер. Токму една од главните функции, задачи на новоименуваниот заменик-претседател на Владата задолжен за борба против корупција одржлив развој и човечки ресурси, ќе биде овој процес. Значи, евалуација на постоечките раководни кадри, нивната работа и евентуалниот избор на нови, да биде во еден отворен и транспарентен процес. Да можат луѓето да видат што се случува“,
вели Манчевски.
Манчевски вели дека промената на избор на директори е неопходна и поради намерата на земјата да стане членка на ЕУ. Но, вели, ќе им олесни многу и на партиите.
„Може да имате луѓе што мислат дека заслужиле да бидат на одредена позиција, но, ако не се соодветни, ова ни ја елиминира потребата за многу незгодни разговори што ги имаме внатре во самите партии. Не е секогаш едноставно и лесно да се каже на некој „Да“ или „Не“ за нешто. И она што ме радува е кога го подготвувавме овој закон, и тогаш и се уште, е дека и Зоран Заев и тогаш се консултиравме и со Али Ахмети и апсолутно целосно застанаа зад овој начин на избор,“
вели Манчевски.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем во новата Влада, Артан Груби, смета дека именувањата на директорите нема да се случат толку брзо и дека со коалициските партнери утврдуваат како да се постапи при нивниот избор.

„Во најлош можен момент, со неусвоен закон и со стари законски решенија, граѓаните треба да бидат убедени дека ќе избереме најдобри можни решенија, бидејќи тие решенија за да ги предводат тие институции ќе мора да имплементираат владина програма и проекти кои ќе бидат за доброто на граѓаните. Не можеме да си дозволиме некадарни луѓе да ги предводат институциите, бидејќи со тоа ќе се мери и успехот на оваа влада“,
вели Артан Груби – вицепремиер и министер за политички систем
Го прашавме Груби, на кој начин ќе ги убедат граѓаните дека на директорските функции ќе застанат кадарни луѓе, а не партиски послушници?
„На транспарентен начин со транспарентно работење, со вклучување на сите интересни групи зависно од тоа за која институција разговараме. Вртиме нов лист, ние во ДУИ и тие во СДСМ и воопшто Владата на РСМ“,
вели Груби.
Суштината на системот кој би требало да го промени начинот на избор на директори и други раководни позиции е процесот да го води посебен државен орган избран од Собранието – Комисија за висока раководна служба. Таа ќе распишува конкурси, ќе ги оценува кандидатите и најдобрите тројца ќе ги праќа како предлог до министерот или Владата. Дискрециско право на извршната власт е кој од трите предлози ќе седне во директорска фотелја.

Дали решението ќе значи стара пракса во ново пакување или навистина ќе им ги врзе рацете на партиите, во најдобар случај ќе се знае за една година отсега.