Во потрага по лековита вода, луѓето во мака спасот не ретко го бараат во изворите и во чешмите низ земјава за кои слушнале дека се „чудотворни“.Но, колку се информирани граѓаните за безбедноста на водата која ја пијат верувајќи во нејзините лековити својства? Тимот на 360 степени ја провери водата од некои од овие чешми.
Катланово. Во оваа бања во текот на годината на лекување доаѓаат над 10.000 лица. Покрај патот што води кон бањата, има две чешми кои ги користат граѓаните верувајќи дека водата од нив им ги олеснува маките со здравјето.
Водата што ја наполнивме, на една од чешмите во Катланово, ja однесовме на анализа во Институтот за јавно здравје.
По 10 дена анализа на Институтот за јавно здравје, резултатите што ги добивме од таму велат дека водата од изворот близу бањите во Катланово не е препорачлива за пиење.
И покрај тоа што анализите покажаа присуство на бактеријата ешерихија коли, граѓаните постојано полнат вода од оваа чешма убедени дека таа не им наштетува.
„Многу време зашто сум оттука и пијам и од оваа вода. Проблеми немаме. Едно време се збореше дека не била исправна, но досега никој не се пожалил. А зошто ја пиете? Онака, не за лекување, за пиење. Некој пат не можеш да дојдеш на ред за да наполниш тука мора да се чека водата малку тече. Само слабо хигиената не се одржува тука воопшто. Кој како дојде така фрла отпад“.
Верба во лековитите својства на водата имаат и оние кои ја полнат од чешмата во атарот на село Чојлија.
„Оваа вода ја пијам некаде околу 45 години, ја пијам за стомачни болести, бубрези такви работи. И ви помага? Помага, доста помага. Фала му на Бога од водата ли е од што е не знам, важно мене ми помага многу и сум среќен што ја пијам и без неа не можам повеќе. Не знам што народ сме се служиш од таа вода ете здравје ти дава ти помага колку толку треба да ја почитуваш таа вода и да ја зачистиме средината тука.
Од Институтот за јавно здравје нагласуваат дека треба да се внимава особено на водата од чешмите кои се на отворено и кои никој не ги контролира.
“Не би требало да се пие затоа што ако е бактеролошки неисправна и плус, ајде кога се пие не толку голема количина и не е страшно толку, но замислете сега ако се полни во шишиња или канистри и човек ги носи дома и тоа стои со денови-ако има бактерии тие ќе се размножат многу повеќе со стоење. После неколку дена ќе има огромен број на бактерии, милион бактери. Е тогаш е ризично”. вели Проф. Д-р Михаил Кочубовски-Специјалист за хигиена.
Иако анализите од Институтот за јавно здравје констатираа дека водата не е за пиење, во близина на оваа чешма нема натпис кој ги информира граѓаните.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство побаравме листа на чешми од кои е забрането да се пие вода. Од таму писмено не информираа дека немаат таков список и дека само наложуваат да не се користи одредена вода откако Институтот за јавно здравје ќе утврди дека таа не е за пиење. Потоа локалната власт треба да ги превземе сите чекори-од информирање до чистење.
На некои чешми во околината на Скопје, каде е констатирано дека водата не е за пиење, општинските власти поставиле табли со предупредување. Но, металните табли кои биле честа мета на крадци, се заменети со хартиени, за кои од општина Петровец велат дека самите граѓани ги отстрануваат верувајќи им повеќе на муабетите отколку на анализите.
„Традицијата некогаш е појака и од законот и од здравјето и од сите факти. Многу е тешко на некои луѓе кои што можеби, тоа е нивно субјективно чуство дека таа вода им помага, многу е тешко на тие луѓе да им кажеш дека таа вода не е за пиење. Токму тие луѓе не сакаат да го гледаат натписот дека водата не е за пиење, а мислат дека таа вода им помага за некои нивни здравствени проблеми. Токму тие луѓе ги тргаат таблите затоа што на никој не му е убаво во исто време да чита дека водата не е за пиeње и да ја консумира. Ние пробуваме да им кажеме,но они велат не можете вие да ни кажете“, вели Зоран Велковски од Општина Петровец.
На патот кон скопско Орланци наидовме на човек кој во пластични шишиња продава „лековита“ вода за, како што рече, бубрежни заболувања. Ја купивме и неа ја испративме на анализа во Институтот за јавно здравје. Резултатите покажаа дека и оваа вода не е исправна за пиење. Од Институтот предупредуваат да не се верува во муабетите за “чудотворни“ води. Велат, добро ја разбираат маката, но истовремено уште подобро ги знаат последиците од пиењето на таквите води. Апелираат, вода да се пие од градските водоводи и од проверените извори зашто така најдобро се чува здравјето.
Напишете коментар