Многу емотивни изјави донесе денот кога се потпиша договорот во Нивици. И позитивни и негативни. Но, се чини дека една од нив предизвика особен интерес и реакции во јавноста – и на македонска и на грчка страна.
– Што би им порачале на вашите сограѓани и сонародници во Македонија? Во Македонија има голем отпор од повеќе страни, особено од опозицијата за потпишување на овој договор.
– Ќе помине, ќе помине, ќе помине…
– Дали вие сметате дека овој договор е добар?
– Добар, за Македонците е многу добар. Голема работа завршивме.
– Какво е расположението тука во овој регион, каде што сте вие, дали го поздравуваат овој договор?
– Да, Македонците го поддржуваат овој договор, сите Македонци.
Ова е Константинос Селцас со изјава дадена за македонската редакција на Дојче Веле. Пратеникот во грчкиот парламент од редовите на владејачката Сириза, кој по потекло е од Лерин, беше видливо возбуден на церемонијата во Нивици. Меѓу другото, еуфорично се прегрна со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас. Но, Селцас покрена лавина реакции во грчките медиуми, откако Дојче Веле и други македонски медиуми пренесоа дека се чувствува како етнички Македонец. Само неколку часа по објавувањето на неговата изјава, Селцас во изјава за грчките медиуми се бранеше и избегнуваше да се декларира на начин како што беше претставен во Македонија.
– Не се изјаснувам воопшто како Македонец, во ред? Се изјаснувам како Грк, патриот и тоа е тоа. Го познавам јазикот овде, но никогаш немам изјавено дека сум етнички Македонец. Го зборувам јазикот кој што, што знам…Тоа е – изјави Селцас.
Поопширно објаснување Селцас сподели на неговата фејсбук фан страница. Таму наведува дека одредени медиуми лажно пренеле дел од неговите изјави.
„Со ова интервју не се осврнав на никакви етницитети и државјанства, бидејќи не знам како да ги атрибуирам на јазникот на кој давав интервју. Мојата врска со тој јазик е само говорна. Јас не реков дека сум етнички Македонец. Ова би го поништило договорот што беше потпишан. Јас сум грчки државјанин и моите сограѓани ме почестија со гласање да ги застапувам во парламентот. Ако употребата на кој било јазик во интервју за странски медиум се смета за кривично дело, тогаш дефинитивно можам да кажам дека чувствувам големо жалење за начинот на кој се развива нашето општество“, напиша Селцас.
Следуваа и други обиди за напад на Селцас во грчките медиуми.
„Егејки мајки не родија,
тие со Eгеј не задоија,
мајчинска клетва ни оставија,
клетва за наша Македонија.“
Повеќе медиуми, меѓу кои и најгледаната грчка телевизија Скај, објавија видео-снимки на кои токму пратеникот од Лерин е ороводец на македонски песни, како што велат, со иредентистичка тематика.
„Зошто да сме душмани, признајте еднаш, сме Македонци, признајте еднаш сме Македонци“…
Овие снимки беа повод портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, да биде прашан за коментар за, како што рече новинарот, „забавата на Селцас на песна-химна на Егејските Македонци“.
„Се наоѓаме во 2018 година и сите грчки граѓани може да играат на каква музика сакаат, без да бидат критикувани за тоа. Оние што живееле во овие делови знаат дека не станува збор за химна, туку за традиционална песна на која играле 90%, а можеби и 100% од грчките граѓани што живеат во тие области“, рече Ѕанакопулос.
„360 Степени“ се упати во Лерин да побара одговори од пратеникот Селцас, но тој ја одби поканата за разговор. Не пречекаа од „Виножито“, политичката партија на Македонците во Грција.
Коста Селцас потекнува од Долно Врбени или Ксино Неро на грчки. Видете, воопшто не е лесно да излезеш јавно и да ја кажуваш од позиција на пратеник или на едно високо ниво кога станува збор за власт и овие сегменти. Не е претерано, но тоа е како некој си Германец политичар во 30-тите, 1935-36-та година излегува јавно, потекнува од Еврејска заедница, и тој јавно излегува во германскиот парламент дека јас сум Евереин и би требало да се почитува Еврејскиот народ, сум граѓанин во Германија, но ве молам, важна точка во демократијата е да биде почитувана разноликоста. Секако е чекор напред, ние имаме односи ги познаваме пратениците од Лерин и другите, секако е чекор напред, барем кога ќе се остави еден темел за размислување и отворање во една држава на една табу тема – вели Павле Воскополус од „Виножито“.
За договорот за Република Северна Македонија, Воскополус смета дека географскиот префикс е проблематичен, бидејќи во иднина политичарите може да манипулираат со стабилноста и почитување на националните идентитети. Неговите стравувања се дека ова решение може да биде еден вид инвестиција во иредентистички политики. Прашањата што по долго игнорирање сега се анализираат во грчките медиуми, се оние за македонскиот јазик и идентитет, вели Воскополус.
– Овие две точки станаа да бидат вид дискусија во Грција и некој од добронамерните Грци кои со децении слушаат само за едната варијанта околу македонштината, да прашуваат и да кажуваат – аха не е само таа што ни кажуваат во грчките школи дека Македонија е само грчка, таму е клучот на оваа работа – вели Воскополус.
Во членот 7 од договорот за името пишува дека „страните прифаќаат дека нивното разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство“. Преведено, Грција прифаќа дека Македонија не е само грчка што долго време беше доминантен наратив кај јужниот сосед.
Напишете коментар