Францускиот претседател Емануел Макрон во Лондон го повтори ставот дека Париз нема намера да се согласи на отворање преговори со земји кандидати доколку претходно нема реформа на преговарачкиот процес.
„Сметам дека пристапната процедура е премногу бирократска, конфузна, не е читка, не може да се сопре и не е релевантна, вклучително за засегнатите земји. Прашајте ги Србите дали им се менува животот на секое отворање поглавје, мораме да ја обмислиме процедурата на постратегиски начин“, рече Макрон, на прес-конференцијата вчера, по завршувањето на Самитот на НАТО.
Тој им упати порака и земјите членки на ЕУ во однос на иднината на проширувањето и рече дека нема да прифати ниедна нова земја членка во ЕУ доколку претходно не се реформира процесот на консензуално одлучување и не се воведе поголема стапка на одлучување преку квалификувано мнозинство. Друг услов ќе биде земјите на ЕУ да прифатат дека не може секоја земја членка да има свој комесар во Европската комисија.
„Сакам да бидеме јасни дека отворањето преговори нема да значи никаков автоматизам во однос на затворањето на тие преговори и во заднина сакам процедура во која повеќе инвестираме“, изјави францускиот претседател.
Колективната грешка на ЕУ за Западен Балкан
Конкретно, за Западниот Балкан, потенцира дека целта е интеграција во ЕУ, оценувајќи го како „геополитичкиот предизвик“, но укажа дека досега тоа се правело преку членство, кое според него е колективна грешка на Унијата.
„Го создадовме тој механизам во кој велиме нашиот однос кон Западниот Балкан е проширувањето и всушност од замор одлучуваме да го сториме тоа, да отвориме и да прошириме, сметам дека тоа не е здраво и дека не си ги кажуваме работите искрено. Може во даден момент да има членство. Многумина велат отворете ја процедурата, знаеме дека нема да се зачленат пред десет години… отвораме и никогаш нема да затвориме, видовме со Турција“, изјави Макрон.
За октомвриската блокада на Северна Македонија и Албанија, Макрон вели дека не бил сам.
„Ја прифаќам лошата улога уште еднаш, ако сакаат луѓето да велат дека само Франција беше против, уште еднаш ќе прифатам, но Франција не беше единствена против почетокот на преговорите“, одговори францускиот претседател на новинарско прашање.
Тој не ги негираше достигнувањата на земјава, истакнувајќи дека промената на името бил многу храбар потег, но раздвојувањето на Албанија и Македонија според него би била „смртоносна одлука“ бидејќи се работи за рамнотежата на регионот.