Овие снимки не се од напуштен објект, туку од женската зграда во студентскиот дом „Стив Наумов“. Условите се мизерни за извршување основни физиолошки потреби, а целосно се незадоволителни за одржување на т.н. менструална хигиена.
Условите се подобри, но сепак далеку од идеални и во дел од тоалетите на најпрестижниот државен универзитетски кампус во земјава – „Св. Кирил и Методиј“.
Во некои од тоалетите на Правниот, Економскиот, Филолошкиот и Филозофскиот факултет не работат чешми, нема тоалетна хартија, нема сапун или, пак, вратите не се затвораат.
Студентките не се задоволни.
„Тоалетите не се чисти, понекогаш сме во недостиг на хартија… Не можеме друго да користиме освен влошки, затоа што не е хигиенски тоа да го правиме овде… Сите од дома си носиме тоалетна хартија и сапун… Не се одржува како што треба“,
велат студентките.
Недостигот на услови за одржување менструална хигиена не ја чувствуваат само младите жени. Сличен е проблемот во сите јавни тоалети – во институциите, училиштата, па и болниците.
За гинекологот Душко Филиповски состојбата е за осуда бидејќи предизвикува последици по здравјето на жените.
„Во пракса се сретнувам со многу компликации од непостоење услови за одржување менструална хигиена. Јас би апелирал до надлежните кои се задолжени за создавање услови за одржување општо на хигиената, особено на менструалната, да се запрашаат како тие би се чувствувале да се наоѓаат во една таква состојба да не можат да ја одржуваат својата менструална хигиена“,
вели Филиповски.
Една од последиците, додава тој, се инфекциите на репродуктивниот систем кај жените.
„Да не зборувам за компликации од нередовно, ненавремено менување на влошката. Почнувајќи од потешкотии, болки во гениталиите заради преполнетост со менструална крв, па сè до инфекции кои можат да настанат ако ненавремено се сменат влошките“,
посочува гинекологот.
Ова го потврдува и истражувањето на невладината организација „Новинари за човекови права“, според кое само 10 отсто од жените во Северна Македонија имаат услови за одржување на менструална хигиена на работа или во училиште, при што една од причините е банална – нема врати во тоалетите.
Од 800 испитанички, околу 80 отсто одговориле дека за месечниот циклус користат хигиенски влошки, 5 отсто тампони, а дури 15 отсто се снаоѓаат со импровизирани текстилни влошки, хартија, па и весници.
„Ова се најгорчливите проблеми со кои се соочуваме и кои прават Македонија да биде високо рангирана меѓу земјите со менструална сиромаштија. Ако 15 отсто од жените не можат да си купат влошки и ако 95 отсто од девојчињата не одат на училиште за време на периодот, тоа се проблеми кои предизвикуваат да си ставиме прст на глава и да размислиме што понатаму“,
вели Наташа Доковска, програмски директор во „Новинари за човекови права“.
Професорот Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје вели дека токму овој проблем е најчеста причина за гениталните инфекции кај девојчињата.
„Не поради некои други работи, туку само поради немање доволно услови да ја одржуваат хигиената на соодветен начин“,
смета Кочубовски.
Иако звучи неверојатно, во земјава е спроведен проект донација, кој треба да им покаже на македонските власти – како треба да изгледаат тоалетите. Адаптиран е по еден тоалет во Ресен и во Тетово каде што освен тоалетна хартија и сапун има и кутија за селектирање менструален отпад, а училиштето е снабдено и со менструални производи за следните три месеци.
Проектот е на Амбасадата на Велика Британија, која ги намали даноците на производите за менструална хигиена и им овозможи бесплатни пакети на ученичките од сиромашните средини.
„Имавме проблем со девојчињата од посиромашните средини кои немаа пристап до санитарни производи. Затоа беа применети неколку мерки. Прво – државата го укина данокот на додадена вредност (VAT) на сите санитарни производи во земјата. Тоа беше добар чекор. Второ, во неколку училишта имаме програми за бесплатни санитарни производи и трето неколку компании во земјата, меѓу кои и еден производител на санитарни производи, за секој купен производ донираат бесплатно пакување за девојки и семејства од посиромашните слоеви“,
вели амбасадорката на Велика Британија, Рејчел Галовеј.
„Стоп за данок на тампон“ е името на феминистичките движења кои бараат од своите влади намалување на даноците за менструални производи.
Активизмот под ова мото е особено силен во земјите на Европската Унија, а Германија е последната земја која прифати данокот за менструални производи да го намали од 19 отсто на 7 отсто. Слични чекори веќе имаат преземено Кипар, Франција, Португалија, Холандија и Белгија, а во Ирска данокот е целосно укинат.
Сега иницијатива има и кај нас.
„Нашата иницијатива е да имаме намалување на 5 отсто на сите производи за… основна хигиена, не се само влошките и тампоните туку и шампоните, сапуните и пелените. Но, водејќи ја оваа иницијатива, ќе тргнеме со барање прво да се намали стапката на ДДВ на средствата за управување со менструалната хигиена, тука спаѓаат влошките и тампоните“,
вели Доковска.
„Јас би предложил дури и ако може на нула да се сведе, бидејќи тоа е основата. Тој трошок не е мал за некои граѓанки на нашата држава, а со намалување на цените ќе стане многу подостапно и ќе се запази гинеколошкото здравје на жената“,
додава д-р Филиповски.
Иако иницијативата не е од минатата недела, од Владата засега нема одговор на ваквите барања. А во земјава веќе има производи со повластената даночна стапка од 5 отсто, како на пример за водата за пиење, книги, земјоделски производи и механизација, лекови…
Во земја како Северна Македонија, каде што има висока стапка на менструална сиромаштија, тоа значи дел од жените и понатаму ќе се снаоѓаат во валкани тоалети и со прескапи менструални производи.