Азам Исени е од Арачиново, Ермира Дерњани од Косово, Агела Ангелевска и Ангела Ефтимова се од Куманово. Четворицата учат во средното училиште „Боро Петрушевски“ во Скопје.
Наставата овде се одвива на македонски и на албански јазик, одделно како и во сите етнички мешани училишта во земјава. Но, двата класа во кои тие учат стануваат еден голем клас на часовите по техничко цртање. Тогаш се заедно во една училница, а наставата тече паралелно на двата јазика.
„Заедничкиот час со Македонците ми се допаѓа многу, цртежите што ги правиме и професорите се многу добри“,
вели Азам Исени – ученик во АСУЦ „Боро Петрушевски“.
„Сите се запознаваме, учиме нови зборови – тие на македонски, ние на албански. Многу е интересно на часовите. Професорите многу добро предаваат“,
вели Ангела Ефтимова – ученичка во АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Учениците признаваат дека непознавањето на другиот јазик е голема пречка, а заедничките часови им помагаат да ја надминат.
„Комуникацијата малку е проблем затоа што има некои што не знаат многу македонски или ние што не знаеме некој друг јазик. Кога се соочуваме со некоја таква ситуација, некогаш е тешко да се разбереме“,
смета Ангела Ангелевска – ученичка во АСУЦ „Боро Петрушевски“.
„Се случува и на одморите да се дружиме заедно, да разговараме, да го учиме македонскиот или спротивно Македонците да го учат албанскиот јазик и така комуникацијата станува подобра“,
рече Ермира Дерњaни – ученичка во АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Освен по овој предмет, заеднички им се и часовите по англиски јазик и физичко. Професорите поминале обуки за ваква настава.
„Клучните термини мора да ги напишеме на албански и на македонски јазик. Целта ни е да ја пренесеме наставната единица, меѓутоа и дел од термините што се стручни да се научат и на другиот јазик. Така им помагаме на учениците полесно да ја совладаат материјата и да можат да почнат да комуницираат меѓу себе“,
објаснува Снежана Ристеска – профсорка во АСУЦ „Боро Петрушевски“.
„Право да ви кажам, не е комплицирано, затоа што истото тоа што го предава колешката на македонскиот јазик ние го предаваме и на албански јазик“,
додава Аделон Ајдини – професор во АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Учениците и досега имале заеднички воннаставни активности, како екскурзии. Но, од минатата година првпат се заедно на овие часови од редовната настава.
„Оваа форма на настава, природно, некако се наметнува да е возможна на предмети што не се толку наративни. Не случајно ги одбираме овие предмети на кои, на некој начин, методологијата на самата содржина на предметите дозволува да се реализира наставата, а да не губи на квалитет“,
смета Сунчица Белинска-Андов – социолог во АСУЦ „Боро Петрушевски“.
За ваквиот начин на настава училиштето има поддршка и од родителите.
„Можам да ви кажам дека децата се пример за сите останати и за возрасните на кој начин треба да се дружиме и како тие функционираат – тоа треба само да се види“,
вели Благоја Јанкуловски – родител.
Вакви часови се одржуваат уште во пет други училишта во Градот Скопје. Меѓу нив е средното училиште „Здравко Цветковски“.
„Ако сакаш да се дружиш со некој од друга националност, на пример, со Албанец, со Македонец или Македонец со Албанец, не е тешко. На почеток можеби не го знаш јазикот, но со текот на времето ќе почнеш да го разбираш и ќе научиш“,
вели Сара Даши – ученичка во СГГУ „Здравко Цветковски“.
„Важно ни е бидејќи и понатаму ќе се сретнуваме секој ден на факултет, на работа и комуницираме со нив со што се навикнуваме за понатаму во животот“,
рече Ана Георгиевска – ученичка во СГГУ „Здравко Цветковски“.
Двете професорки, Македонка и Албанка, им објаснуваа како да ја измерат и да ја нацртаат макетата на училиштето, која децата претходно заедно ја направиле.
„Јас можам да кажам дека е многу добро бидејќи сме од иста насока и иста професија, имаме различни мислења, после ги разменуваме мислењата, доаѓаме до една заедничка точка и истото им го пренесеме на учениците. Исто така, и учениците ја имаат таа можност од два професора да преземат повеќе знаење отколку од еден професор“,
вели Манушаќе Имери – професорка во СГГУ „Здравко Цветковски“.
„Тие се од исти класови, стручни паралелки – архитектонски техничари, дизајнери, геодети… Сѐ за подобра комуникација и разбирање меѓу самите ученици. Со ваквите часови мислам дека можеме да го постигнеме сето тоа“,
вели Доротеа Трајановска – професорка во СГГУ „Здравко Цветковски“.
Родителите сметаат дека заедничките часови се важни за личниот развој на средношколците.
„Секако дека ги поддржувам, затоа што нашите деца се подготвуваат, се зближуваат еден со друг, се запознаваат подобро еден со друг“,
рече Хисни Јакупи – родител.
Според директорката на училиштето, токму родителите и семејството се важен фактор во овој процес.
„Значи, онака како што на децата дома ќе им се презентира дека ученикот до мене не ми е непријател затоа што е од друг етникум, тогаш ученикот многу полесно тоа ќе го сфати“,
смета Атина Томовска – директорка на СГГУ „Здравко Цветковски“.
Џевахире Пруси Зајази од Македонскиот центар за граѓанско образование вели дека ова не е само проект поддржан од странски донатор туку е процес, чија цел е да се покаже дека интегрирано образование е можно во нашиот образовен систем.
„Ние сакавме на сигурна основа да провериме дека ова е можно и тоа ни се докажа минатата година, значи за една година. Целиот процес го започнавме, тоа е доброто, заеднички со институциите. Не сме сами. Не сме дошле како проект или како донатори да велиме дека вака треба да се направи, да дадеме насоки, туку заеднички ги креираме насоките, го фацилитираме процесот и затоа се постигнати ваквите резултати“,
смета Џевахире Пруси Зајази од Македонски центар за граѓанско образование.
Активности за меѓуетничка интеграција во образованието се реализираат во сите основни училишта во земјава, но не секаде ги даваат очекуваните ефекти. Ова е основното училиште „Кирил и Методиј“ во Тетово. Во него бројот на ученици што учат на македонски наставен јазик од година во година драстично се намалува.
По воениот конфликт во 2001 година, родителите Македонци избегнуваат да ги запишуваат своите деца во ова училиште. Педагогот Вера Станојевиќ овде работи речиси од самото основање на училиштето пред три децении. Вели дека отсекогаш имале вкупно околу илјада ученици. Во деведесеттите имало ист број паралелки на двата наставни јазика, но оние на македонски биле со поголем број ученици.
„Со текот на годините полека се менуваа работите и сега имаме по три паралелки на албански јазик и по една паралелка на македонски јазик од прво до деветто одделение“,
вели Вера Станојевиќ – педагог во ОУ „Кирил и Методиј“ – Тетово.
Но, голема е разликата во бројноста на учениците во паралелките. Соодносот е 1 наспрема 6. Или, поточно, во училиштето учат вкупно 971 ученик, од кои 836 на албански и 135 на македонски наставен јазик.
„Се направи една грешка во минатото. Можеби некој ќе ми се налути поради тоа. Се отвори, се одвои, всушност, училиштето „Братство и единство“ на две згради и ги раздвоија учениците, едните учат само на македонски, другите само на албански. Бидејќи такво беше времето тогаш, беше време на конфликт и такви работи, многу родители Македонци побрзаа да ги запишат децата во училиштето „Братство“, затоа што е чисто македонско училиште, што го сметам за сосема погрешно“,
смета Станоевиќ.
Станојевиќ вели дека проекти за меѓуетничка интеграција во училиштето се реализираат со години. Така се подобрил односот меѓу учениците, но оние од наставата на македонски јазик тешко се враќаат.
„Не можеме да живееме во некој нереален свет. Каде ќе продолжат тие деца да се школуваат во иднина кога ќе завршат основно училиште? Пак ќе мора да продолжат да се образуваат во средно училиште каде што се мешани, нели, мултиетнички. Па, и на факултет исто, па и во животот. Каде и да стапнете, на која било улица во градот, вие мора да се соочите со луѓе од други националности“,
смета Станоевиќ.
„Сите тетовци треба да знаат дека во училиштето „Кирил и Методиј“ постои опасност од затворање на паралелките на македонски јазик. Ајде сега да го видиме патриотизмот. Ако родителите од училиштето „Братство-Миѓени“ или од „Андреа Савески Ќикиш“ ги донесат децата тука, е тоа е патриотизам. Или спротивно – албанските деца, во опасност е да се затворат паралелките на албански јазик во некое училиште, добро е од оваа населба да се носат каде било, дури и во Речица или во некое друго место, само да е во интерес на незатворање на паралелките. Ако се затвори една паралелка, тогаш е тешко да се отвори“,
вели Сихана Каба Касами – директорка на ОУ „Кирил и Методиј“ – Тетово.
Од Македонскиот центар за граѓанско образование велат дека она што дало добри резултати во едни, треба да се примени и во други училишта.
„Ова што се случува со Градот Скопје во средните училишта е многу добра практика и добар пример да се покаже дека преку соработката на наставниците и обезбедувањето услови за учениците заедно да соработуваат, нема да има потреба од заминување на учениците од тоа училиште во друго училиште“,
смета Џевахире Пруси Зајази од Македонски центар за граѓанско образование.
Тоа што средношколците од шесте скопски училишта покажуваат волја да учат заедно бил мотивот Градот Скопје неодамна да донесе Стратегија за развој на интегрираното образование до 2024 година.
„Можеби најбитен документ во изминативе две години, ако гледате со некои поинакви перцепции, што е една од обврските на градот или на градоначалникот ако сакате. Така што во овој документ е развиена и стратегијата, но е развиена и динамиката со која ќе се одвива системот на интегрирано образование на децата“,
изјави Петре Шилегов – градоначалник на Град Скопје.
Процесот на меѓуетничка интеграција во образованието, во училиштата познат како МИО, е започнат од 2011 година. Тој е дел од законите за основно и за средно образование. Целта за целосно елиминирање на етничката поделеност и паралелните светови меѓу учениците е амбициозна и засега далеку од остварена. Но, барем има позитивни почетни примери.