Премиерот Зоран Заев, по средбата со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, ги охрабри Комисиите за историја на двете земји да продолжат да ги решаваат прашањата околу историските личности.
„Веќе решивме четири историски личности коишто заеднички ги чествуваме. Исто така верувам дека ќе се најде заедничко решение за херојот Гоце Делчев. Гоце Делчев е личност, херој, кој ги поврзува двата народи. Затоа и во Република Северна Македонија и во Република Бугарија продолжуваме да му оддаваме почит на големиот Делчев“,
изјави Заев.
На прашањето дали е можно Бугарија да го оспори почетокот на пристапните преговори за членство во Европската Унија, премиерот Заев одговори дека цела Европа и демократскиот свет зборуваат за Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу две земји, за храброста во одлуките и порача дека нема да се дозволи поинаку да се зборува за двете земји.
„Покажавме многу храброст без разлика на политичките кариери за да градиме пријателтсвио меѓу народите. Највисок приоритет сега е да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ… Бугарија прва го ратификуваше протоколот за НАТО и до сега 21 земја го ратификуваа“,
посочи Заев.
Македонскиот премиер премиер ја нагласи и важноста од поврзувањето на двете земји преку Коридорот 8 и отворањето на двата нови гранични премини.
„Ние го градиме и експресниот пат Куманово-К. Паланка кон бугарската граница што чини повеќе од 50 милиони евра. Во делот на железничкото поврзување доаѓаме до тунелот кој половина е на страната на С. Македонија, а половина на страната на Р. Бугарија. Бугарската страна е во напредна фаза. Веруваме дека нашите двајца министри за транспорт и врски можат да го изнајдат решението како да се догради тој тунел“,
рече Заев.
За двегодишнината од потпишувањето на Договорот со Бугарија, Заев рече дека двете земји им покажале на Европа и на светот дека предизвиците може да се решаваат преку разговори, почитување и трпеливост, без посредници.