Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски најави дека партијата ќе бара пребројување на гласачките ливчиња, бидејќи имало многу неважечки гласови, кои како што вели се несвојствени за избори со ваква излезност.
На прес-конференција Арсовски обвини и дека функционери блиски до СДСМ јавно воделе кампања да се прешкртуваат ливчиња, а голем дел од нив биле глас за ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаме огромен број на неважечки ливчиња, над 30 илјади кои се несвојствени за избори со ваква излезност, а воедно ќе напоменам дека функционери и експоненти блиски до СДСМ јавно водеа кампања да се прешкртуваат ливчиња и лажно тоа го преставуваа дека е повик на ВМРО-ДПМНЕ. Голем дел од тие ливчиња се гласови за ВМРО-ДПМНЕ кои сега се сметаат за неважечки. Што значи се поништува нивната волја. Затоа ние ќе побараме како политичка партија рачно пребројување на гласачките ливчиња. Потребно е во овие моменти да се заштити волјата на граѓаните. Да се штити демократијата во Република Македонија. Институциите им го должат ова на граѓаните и затоа мора да го реализираат“,
рече Арсовски.
Арсовски рече дека „и покрај сите притисоци, закани и злоупотреби, ВМРО-ДПМНЕ победи во 41 општина, а СДСМ само во дваесетина“.
„Ваквиот фалсификат и поткуп на гласови направен од СДСМ и Зоран Заев е последица на нервозата и сознанието дека народот не ги поддржува повеќе и ја немаат поддршката на народот. Народот не ги сака затоа што не испорачаа резултати, а донесоа криминал, корупција и неправди. Сето ова фрла темна дамка врз изборите кои се оддржаа во средата а Државната Изборна Комисија има обврска да ги испита сите сомнежи за неправилности и фалсификувањ на изборите, односно волјата на граѓаните. Дополнително во јавноста предизвика забуна што на официјалниот веб сајт на ДИК стоеја податоци кои не кореспондираа со записниците направени од избирачките одбори, но и во однос на нашата евиденција која што ја имаме“,
рече тој.