Владејачката гарнитура го загуби мнозинството во Собраниската комисија за избори и именувања.
На денешното гласање, за прв пат ВМРО-ДПМНЕ заедно со БЕСА ги надгласаа СДСМ и ДУИ и со 7:6 и го одбија предлогот на владејачките партии, како приоритетни точки на дневниот ред да бидат изборот на членови на Програмскиот совет на МРТ и на Агенцијата за медиуми.
Иако неофицијално, со формалниот акт на пратеникот на Беса, Фадил Зендели, се пореална е најавената соработка на партиите на Касами и на Мицкоски.
Зендели објаснувајќи ја неговата поддршка за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ не сакаше да коментираше дали тоа значи продлабочување на соработката меѓу двете партии, туку подвлече дека го дал својот глас оти смета дека и другите точки на дневниот ред се важни.
Пратеникот Зендели досега ги поддржуваше предлозите на СДСМ.
Пред десет дена, официјална средба имаа претседателите Мицкоски и Касами, заедно со генералните секретари Јанушев и Хоџа.

Раководствата на двете партии според соопштението од ВМРО-ДПМНЕ „договориле во иднина да продолжат ваквите средби во насока кој ќе дадат импулс во јакнење на демократскиот амбиент и заедничката борба против актуелната власт“.