По целосно документирање на случаите, МВР најавува соодветни поднесоци

Утврден е идентитетот на лицето кое за време на прославата на Денот на албанското знаме постави албанско знаме на полициско возило во Тетово, информира Министерството за внатрешни работи. Лицето е идентификувано по преземените мерки во врска со настанот на подрачјето на СВР Тетово и, во присуство на родител, е повикано на разговор во полициска станица.
Од МВР посочуваат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
Од МВР велат дека за време на прославата на Денот на албанското знаме, на подрачјата на Секторите за внатрешни работи Скопје, Тетово, Охрид и Куманово, регистрирани се 13 нарушувања на јавниот ред и мир.
Оттаму велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на сите настани.
Досега, како што се вели во соопштението од МВР, се поднесени две кривични пријави за кривичните дела безобѕирно управување со моторно возило и недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи, изготвени се 10 записници за констатирани прекршоци, а три лица се лишени од слобода.
На подрачјето на СВР Скопје биле регистрирани седум нарушувања на јавниот ред и мир, а изготвени се седум записници за прекршоци против четири лица, од кои три за отстранување, кинење или оштетување на државни симболи и симболи на заедниците, еден за карање, викање или непристојно и дрско однесување, како и три прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот – управување возило без возачка дозвола, управување со брзина поголема од дозволената и движење во спротивен правец. Поднесена е и кривична пријава против едно дете за кривично дело безобѕирно управување со моторно возило, а при преземањето мерки за расчистување на настаните, две лица биле лишени од слобода.
Кај случаите во Скопје, полицијата регистрирала дека на возила или кај лица биле забележани знамиња на Голема Албанија со натпис „Autochtonous“.
Првиот случај, наведен во полицискиот билтен, е од 15:10 часот, кога на улицата „Ѓорче Петров“ во Скопје, полициски службеници сопреле патничко возило „голф“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Џ.Т. (40) од Скопје, на кое биле истакнати две знамиња на Голема Албанија со натпис „Autochtonous“.
Половина час подоцна, во 15:30 часот, на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, полициски службеници го забележале Ј.А. (21) од селото Драчевица, скопско, кој во раката носел знаме на Голема Албанија со истиот натпис.
Третиот случај бил регистриран во 21:45 часот на крстосницата меѓу улиците „Ѓорче Петров“ и „Кузман Шапкарев“, каде полицијата сопрела патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.И. (21) од селото Сарај, скопско, на кое било истакнато знаме на Голема Албанија со натпис „Autochtonous“.
На подрачјето на СВР Тетово, освен случајот со поставеното албанско знаме на полициско возило, имало нарушувања на јавниот ред и мир и од страна на деца, со употреба на пиротехнички средства на Градскиот плоштад во Тетово.
На подрачјето на СВР Охрид регистрирани се две нарушувања на јавниот ред и мир, во Кичево и Струга. Во Кичево, на градскиот плоштад биле поставени неколку знамиња на Република Албанија, по што е составен записник за сторен прекршок. Во Струга, во основно училиште биле поставени знамиња на Република Албанија, без да биде истакнато знамето на Македонија. Од МВР велат дела по преземените мерки, ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка против одговорното лице во училиштето.
На подрачјето на СВР Куманово регистриран е еден настан за време на дефиле со возила низ централното градско подрачје. Полициски службеници забележале две лица, од кои едното се дало во бегство, додека другото било задржано. При извршен преглед кај него бил пронајден пиштол марка „Црвена застава“ и рамка со пет куршуми. Лицето е лишено од слобода поради сомнение за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека по целосното документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
