На околу 40 илјади квадратни метри во некогашната фабрика на „Ситроен“ од триесеттите години на минатиот век, посетителите ги очекуваат дела од модерната и современата уметност, филмски проекции и настапи во живо

Новиот музеј „Канал – Центар Помпиду“ беше отворен во саботата во Брисел. Во огромниот комплекс на некогашната фабрика на францускиот производител на автомобили „Ситроен“ има место за уметност, литература и средби.
Според замислата на организаторите, импозантните фабрички згради на северниот раб на центарот на Брисел треба да станат место каде што ќе се собираат уметници, креативци, архитекти и граѓани и каде што ќе се развива жива заедница.
„Сакаме луѓето кои никогаш не стапнале во музеј да го доживеат ова место како свое“, рече директорот Ив Голдштајн.
На околу 40 илјади квадратни метри во некогашната „автомобилска катедрала“ од триесеттите години на минатиот век, посетителите ги очекуваат дела од модерната и современата уметност, филмски проекции и настапи во живо.
Од музејот велат дека станува збор за најголемиот музејски проект во Европа. Покрај библиотеката, во комплексот има ресторани, бар на покривот и детско игралиште. Во зградата се сместени и истражувачки центар, музејска продавница и сопствена пекарница.
Според управата на музејот, во одделни делови од комплексот може да се влезе без билет, а за викендот на отворањето се предвидени повеќе бесплатни настани.
Централно место во уметничката програма има соработката со угледниот париски уметнички и културен центар „Помпиду“. Благодарение на тоа партнерство, бриселскиот музеј има пристап до париската збирка, а делата од неа ќе ги претставува на изложби што периодично ќе се менуваат.
Партнерството со француската институција е воспоставено пред речиси десет години. Пренамената на препознатливиот комплекс згради, сместен покрај каналот што го поврзува Брисел со реката Шелда, започна во 2020 година.
При обновата, во постојните хали беа уредени нови простори за изложби и други настани, а во голема мера е зачувана оригиналната архитектура на некогашниот автомобилски салон. Според белгиската новинска агенција „Белга“, вкупната вредност на планираните вложувања во проектот изнесувала околу 230 милиони евра.
