Пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за финансирање и буџет вели дека не сите лица кои како сведоци се поканети на утрешното продолжение на надзорната расправа го имаат потврдено своето присуство на седница, а дел од нив, како што рече, по вторпат се на службен пат токму во моментот на одржување на надзорната расправа
Дел од сведоците што треба да присуствуваат на надзорната расправа за Алта банка по вторпат се на службен пат токму во времето на одржување на седницата. Ова денеска го изјави пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ и претседателка на собраниската Комисија за финансирање и буџет, во пресрет на утрешното продолжение на надзорната расправа во врска со случувањата со Алта банка АД Битола.

Лукаревска вели дека не сите лица кои како сведоци се поканети на утрешното продолжение на надзорната расправа го имаат потврдено своето присуство на седница, а дел од нив, како што рече, по вторпат се на службен пат токму во моментот на одржување на надзорната расправа.
„Така што, утрешниот состав на сведоци ќе биде дел од институциите. Исто така, поканети се и претставници на Алта банка, односно членови на менаџерскиот тим, Управниот и Надзорниот одбор“,
изјави Лукаревска.
Додава дека надзорната расправа ќе продолжи сè додека не бидат сослушани сите предложени сведоци.
„Апсолутно очекуваме да има заклучоци бидејќи самите сме иницијатори на надзорната расправа. Меѓутоа, утрешниот ден не значи дека расправата ќе заврши, бидејќи нема да успееме да ги сослушаме сите сведоци предложени од политичките партии“,
изјави Лукаревска одговарајќи на новинарски прашања.
Надзорната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет во врска со случувањата со Алта банка АД Битола почна на 11 ноември и треба да продолжи утре во 11 часот.
