Особено на контролите ќе се посвети на случаите на лажно прикажување попусти, неосновано зголемување на цените пред нивното намалување, неточно и доведувачко рекламирање и други неправилности поврзани со продажните услови
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) најавува засилени инспекциски контроли кај трговците во земјава по повод најавените попусти во рамки на кампањата „црн петок“. Инспекторите ќе проверуваат дали трговците ги почитуваат законските одредби при спроведувањето на продажните акции, начинот на огласување на попустите, означувањето на цените и информирањето на потрошувачите за условите под кои се нудат производите.

Од Пазарниот инспекторат велат дека посебен акцент ќе биде ставен на продажбата на апарати за домаќинство, бела техника, електронски уреди, мобилни телефони, компјутерска опрема, облека, обувки, мебел, производи за домаќинство, како и други производи кои во овој период се нудат со намалени цени.
„Целта на овие активности е да се обезбеди доследна примена на законските одредби, да се спречат евентуални нечесни трговски практики и да се заштитат економските интереси и правата на потрошувачите. Особено внимание ќе се посвети на случаите на лажно прикажување попусти, неосновано зголемување на цените пред нивното намалување, неточно и доведувачко рекламирање и други неправилности поврзани со продажните услови“,
велат од Државниот пазарен инспекторат.
ДПИ апелира трговците да ги почитуваат законските обврски и да ги спроведуваат продажните акции на фер и транспарентен начин, а граѓаните внимателно да ги следат означените цени, условите за попуст и информациите за производите и доколку забележат некаква неправилност, да ја пријават до Државниот пазарен инспекторат на бесплатниот телефонски број 191 или преку официјалната веб-страница www.dpi.gov.mk.
