На ПИСА, 74 отсто од 15-годишниците во земјава се под основното ниво во читање со разбирање, 68 отсто во математика, а 64 отсто во природни науки. Бирото за развој на образованието подготвило прирачник со прашања слични на оние на тестирањето. Учениците прво ќе можат сами да ги решаваат задачите, а потоа ќе ги добијат и одговорите

Притисокот од родителите сите деца да имаат петки ги изедначува учениците во оценките, иако меѓу нив има разлики во знаењето, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашана зошто речиси три четвртини од македонските 15-годишници на тестирањето ПИСА се под основното ниво во читање со разбирање, Јаневска рече дека мора да се промени и начинот на кој се предава. Од учениците, според неа, треба да се бара критички да размислуваат наместо да ја повторуваат лекцијата.
„Дополнително, притисокот кој го трпат и кој веќе стана некаков модел на живеење во Македонија – дека сите деца треба да имаат петки, на родителите генерално – прави урамниловка меѓу учениците. Знаел, не знаел, има петка“,
рече Јаневска.
Но, дали и ученик што заслужено има петка по математика може да покаже слаб резултат на ПИСА? Министерката вели дека тоа прашање допрва ќе се анализира. Од наставниците, пак, слушала дека на односот на учениците кон тестирањето влијае и тоа што за него не добиваат оценка.
„Можно е и тоа, ова не сме го доволно изанализирале, ќе го изанализираме. Но она што го слушам од наставниците е дека учениците, нивните родители, не ја сфаќаат сериозно ПИСА-та, а наставниците треба дополнително да им објаснат што значи ПИСА-та. Бидејќи не се оценува, децата одат лежерно, на брзина решаваат, не се трудат доволно би рекла, и резултатите се тие“,
вели таа.
Во последниот извештај на Европската комисија за земјава, покрај напредокот во стручното образование и обука, се посочува дека постигнувањата на учениците во основните вештини остануваат слаби. Според Јаневска, анализата што ја добива МОН покажува дека учениците што поредовно одат на училиште постигнуваат подобри резултати. На тоа таа ја темели и заложбата на Владата за едносменска и целодневна настава. Меѓу факторите што влијаат врз постигнувањата ги наведе и образованието на родителите, социјалниот статус на семејството и навиката дома да се читаат книги и да се разговара за прочитаното.
Јаневска посочи и на разликите меѓу регионите. Според податоците на кои се повика, учениците од Источниот регион постигнале подобри резултати од оние во Скопскиот, а најслаби се резултатите во Полошкиот регион. За разликата меѓу Источниот и Скопскиот регион додаде дека ѝ изгледа оти „скопскиве деца се малку поразмазени“, нагласувајќи дека тоа е нејзин личен коментар.
Прашана колку за подобри резултати ќе придонесе најавената замена на неколку десетици учебници, Јаневска рече дека кај дел од учебниците се утврдени недостатоци и дека по истекот на петгодишниот период на употреба тие ќе бидат заменети. За наставниците и за учениците, пак, Бирото за развој на образованието веќе подготвило материјал за вежбање.
„Бирото за развој на образованието направи прирачник, ќе го наречам, со прашања слични на оние коишто се поставуваат на ПИСА. Тие ќе бидат доставени до училиштата и објавени на веб-страната без одговори, за наставниците да работат со учениците, и учениците да можат сами да го решаваат тестот. После ќе им ги дадеме и одговорите за да проверат дали добро работеле“,
рече Јаневска.
