Новото издание на емисијата „360 степени”, во кое гостува министерката за образование и наука Весна Јаневска, се емитува вечерва (23 ноември 2026 г.) од 20:30 часот на МРТ 1
Владата предлага државниот буџет за 2027 година да порасне за околу пет отсто во споредба со годинашниов, а за образование предвидува помалку пари од годинава. Малку помалку, но сепак – помалку. Како со десет милиони евра помалку за основното и за средното образование општините ќе го покријат најавеното зголемување на платите на наставниците, ќе платат струја и ќе обезбедат превоз за учениците? Ќе прашаме и како се случи дел од факултетите на УКИМ да останат без струја, што ќе добијат студентите со новиот модел за студентски оброк и може ли во Собранието да се стигне до потребното двојно мнозинство за пакетот закони за високо образование. Можат ли нови учебници да им помогнат на учениците подобро да го разберат она што го читаат? И зошто изборниот предмет Сексуално образование мораше да биде преименуван и од него да отпаднат термини како „род“ и „контрацепција“? Во новото издание на „360 степени“ на МРТ 1 гостува министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Емисијата се емитува од 20:30 часот на МРТ 1.
