Како што информираат од МВР, осум лица се лишени од слобода, со едно лице бил извршен службен разговор, а во два случаи биле поднесени кривични пријави
Вкупно 11 пријави поврзани со семејно насилство се регистрирани во изминатото деноноќие во повеќе градови во земјава. Осум лица биле лишени од слобода, со едно лице бил извршен службен разговор, а во два одделни случаи биле поднесени кривични пријави, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Меѓу пријавените случаи има напади врз малолетни деца, сопруги и поранешни партнерки, закани, агресивно однесување, како и непочитување судски мерки за заштита од семејно насилство.

Во Кочани, 40-годишен маж бил приведен откако, според пријавата, во домот на роднини на неговата сопруга физички ги нападнал своите малолетни деца и други членови на семејството. Во Тетово, пак, бил приведен 49-годишен маж, кого неговата 38-годишна сопруга, со која е во бракоразводна постапка, го пријавила дека ја следел и ѝ се заканувал, вклучително и дека ќе ѝ ги одземе двете заеднички малолетни деца.
Во Македонска Каменица, 34-годишен маж бил лишен од слобода по пријава дека ѝ се заканувал и физички ја нападнал својата 23-годишна сопруга. Во Гостивар, 32-годишен маж ѝ се заканувал по телефон на својата 28-годишна сопруга додека таа била со нивните две малолетни деца во Медицинскиот центар.
Во Кичево бил приведен 56-годишен маж поради непочитување судско решение со кое му биле изречени привремени мерки за заштита од семејно насилство кон неговата сопруга. Во Куманово, во два одделни случаи, биле приведени 26-годишен маж по пријава за агресивно однесување кон мајка му и 38-годишен маж по пријава дека физички ја нападнал поранешната сопруга.
Во Струмица, 36-годишен маж бил лишен од слобода по пријава дека агресивно се однесувал кон 52-годишна жена пред нејзиниот семеен дом. При алкотестирањето му биле измерени 2,58 промили алкохол во крвта.
Во Скопје, во полициската станица Чаир бил извршен службен разговор со 44-годишен маж по пријава дека физички ја нападнал својата 39-годишна партнерка.
Покрај овие случаи, полицијата поднела и две кривични пријави. Првата е против 67-годишен жител на Кочани, осомничен за загрозување на сигурноста на сопругата, на која, според полицијата, ѝ упатувал закани во семејниот дом.
Втората пријава е против 45-годишен жител на Делчевско за телесна повреда и загрозување на сигурноста. Според пријавата, тој го навредувал своето 13-годишно дете, а следниот ден се обидел да го нападне со стаклен предмет, по што меѓу нив дошло до пресметка.
Од МВР информираат дека по целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни кривични пријави или поднесоци.
