Мицкоски треба да излезе и да одговори пред граѓаните зошто се брише оваа одредба, каде ќе се насочуваат средствата и што ќе значи промената за идните пензии на осигурениците, велат од СДСМ
На повидок е скандал, власта на Мицкоски на ЕНЕР објави предлог-законски измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кои се брише одредбата за уплата на пари во вториот пензиски столб (член 120), во висина од 6%, обвинува СДСМ. Во соопштение од опозициската партија наведуваат дека ова би значело оти сите придонеси остануваат во првиот столб во Фондот.
„Дали ова значи дефинтивно рушење на вториот пензиски столб? Криминалната власт ги доведува во ризик пензиските заштеди на повеќе од 650.000 граѓани, на сите родени после 1 јануари 1967 година кои се во вториот пензиски столб. Фондот за ПИОМ е доведен до сериозна финансиска неодржливост“,
се наведува во соопштението.

Од СДСМ додаваат дека во Фондот недостигаат близу една милијарда евра, а во изминатите месеци ПИОМ не префрлил околу 50 милиони евра во вториот пензиски столб.
„На пратеничкото прашање каде се овие пари, власта не даде одговор. Пари што им припаѓаат на граѓаните, на работниците, заработени со нивниот труд, издвојувани секој месец од нивните плати. Во исто време, со предлог-законот објавен на ЕНЕР се предлага бришење на членот 120, со кој е утврдена уплатата на 6% во вториот пензиски столб. Христијан Мицкоски треба да излезе и да одговори пред граѓаните зошто се брише оваа одредба, каде ќе се насочуваат средствата и што ќе значи промената за идните пензии на осигурениците“
порачуваат од СДСМ.
