Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), бројот на новозаболени евидентиран минатата недела е за 37,5 отсто поголем во споредба со претходната недела, кога имало 112 заболени
Возрасната структура покажува дека вирусот најмногу го погодува работоспособното население. Од вкупниот број заболени минатата недела, 102 лица се на возраст од 15 до 64 години, 22 се повозрасни од 65 години, 16 се деца до четиригодишна возраст, а 14 се деца на возраст од 5 до 14 години
Се зголемува бројот на новозаболени од грип во земјава, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој се однесува на за 46. недела од годинава, која го опфаќа периодот од 9 до 15 ноември.

Според податоците, во текот на изминатата седмица се регистрирани вкупно 154 нови случаи на грип, што претставува раст од 37,5 отсто во споредба со претходната недела, кога беа евидентирани 112 заболени.
Извештајот на ИЈЗ укажува и на значително зголемување на бројот на заболени во однос на минатата година, односно бројката е за 31,6 отсто повисока споредено со истата недела лани, кога биле регистрирани 117 случаи, а дури за 73,2 отсто над просекот од моделот за последните 16 сезони.
Најмногу заболени во Тетово, Скопје и во Куманово
Најголем дел од новите случаи во 46. недела се пријавени во: Тетово – 49, Скопје – 38, Куманово – 19, Радовиш – 12, Велес – 8, Гостивар – 7, Прилеп – 5 и Струмица – 3.
По два случаи се регистрирани во Ресен, Неготино, Охрид и во Штип, додека по еден заболен има во Гевгелија и во Македонски Брод.
Возрасната структура покажува дека вирусот најмногу го погодува работоспособното население. Од вкупниот број заболени минатата недела, 102 лица се на возраст од 15 до 64 години, 22 се повозрасни од 65 години, 16 се деца до четиригодишна возраст, а 14 се деца на возраст од 5 до 14 години.
Во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ во овој период пристигнале 64 материјали од рутинскиот надзор, кои паралелно се тестираат за грип, ковид-19 (SARS-CoV-2) и респираторен синцицијален вирус (RSV). Лабораториски се потврдени четири позитивни примероци на грип – три од типот Influenza A (несубтипизирани) и еден Influenza A(H3), како и три позитивни случаи на ковид-19.
Вкупно 609 заболени од почетокот на сезоната
Кумулативно, во сезоната 2026/2027 досега се регистрирани 609 случаи на грип, пријавени од 19 центри за јавно здравје и нивните подрачни единици. Станува збор за зголемување од 6,7 отсто во споредба со истиот период минатата сезона (571 случај) и за 30,8 отсто повеќе во однос на 16-годишниот сезонски модел (466 случаи).
Тетово останува најголемо жариште и на кумулативно ниво со вкупно 198 заболени лица и највисока инциденца во државата. Најголем удел во вкупната бројка на заболени од почетокот на сезоната имаат граѓаните на возраст од 15 до 64 години – 438 случаи или 71,9 отсто.
Бесплатни вакцини досега примиле над 25 илјади граѓани
Од Институтот за јавно здравје потсетуваат дека вакцинацијата останува најефикасна заштита, особено за ризичните категории – лицата над 65 години, хронично болните, децата, бремените жени и здравствените работници.

Имунизацијата против сезонски грип во земјава почна на 21 октомври и се спроведува во центрите за јавно здравје, нивните подрачни единици и во здравствените домови, додека здравствените работници од Скопје се вакцинираат во ИЈЗ. Закажувањето за бесплатните вакцини се врши преку веб-страницата vakcinacija.mk.
Според податоците на Управата за електронско здравство, заклучно со затворањето на извештајот, со бесплатна вакцина се имунизирани вкупно 25 458 лица од ризичните групи.
Препораки за заштита и постапување при симптоми
За да се намали ризикот од заразување во зимскиот период, здравствените власти препорачуваат избегнување собири и престој во затворени простории со многу луѓе, како и близок контакт со лица кои кашлаат, киваат или имаат покачена температура; редовно миење на рацете со вода и сапун или користење средства за дезинфекција; редовно проветрување и затоплување на просториите, слоевито облекување и внесување топли напивки и храна богата со витамини и минерали (особено витамин Ц).
За оние кои веќе имаат симптоми на грип, препораката е да останат дома и да не одат на работа, во училиште или на јавни места, да се одмораат и да пијат многу течности. Во домашни услови се советува носење заштитна маска при контакт со блиските, покривање на носот и устата при кашлање и кивање, редовна дезинфекција на површините и често проветрување. Лицата над 65 години, хронично болните, како и сите кај кои симптомите се влошуваат или траат повеќе денови, задолжително треба да побараат лекарска помош.
