Од почетокот на годинава досега АХВ има евидентирано 115 жаришта на сипаници кај овци и кози. Во овој временски период пцовисани од болеста се 875 животни, а нештетно отстранети 9 359 животни
Почна вакцинацијата на ситниот добиток во Источниот Плански Регион, согласно решението за итна вакцинација на овците и козите против болеста сипаници кај мали преживари, одобрено од Европската Унија (ЕУ), соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Денеска завршува и првата фаза од дистрибуцијата на вакцините, со што се создадени услови за продолжување на вакцинацијата во предвидените подрачја – Источниот, Североисточниот, Вардарскиот и Југоисточниот Регион. Вакцините се од турско потекло и целата количина е обезбедена како донација од ЕУ.
Со вакциналната кампања ќе бидат опфатени 3 417 стада, односно 438 042 животни во осумте плански региони. Во првата фаза, која се спроведува во Вардарскиот, Источниот, Југоисточниот и Североисточниот Регион, ќе бидат вакцинирани 1 859 стада со вкупно 193 527 животни.
Во втората фаза ќе бидат опфатени Југозападниот, Пелагонискиот, Полошкиот и Скопскиот Регион, каде што се евидентирани 1 558 стада со 244 515 животни.
Третата фаза предвидува дополнителна вакцинација за да се обезбеди што поголем опфат на животните. Таа ќе ги опфати јагнињата и јарињата кои по завршувањето на првите две фази ќе ја достигнат минималната возраст за вакцинација, животните чија вакцинација е одложена поради здравствената состојба или ветеринарна проценка, бремените животни и оние во првите шест недели по породувањето.
Дополнително, ќе бидат вакцинирани и животни од фарми кои биле недостапни во почетната кампања, како и фарми каде вакцинацијата била одложена поради сомнение за инфекција, доколку официјалниот ветеринар одобри ваква постапка.
Вакцинацијата ќе се спроведува кај клинички здрави овци и кози, како и кај јагниња и јариња кои ја достигнале минималната возраст за вакцинирање. Бремените, болните и другите категории животни ќе се третираат согласно упатството за употреба на вакцината.
Од АХВ посочуваат дека вакцинацијата е важна мерка за спречување на ширењето на болеста и намалување на ризикот од нејзино повторно појавување.
