Понудата од стотина страници стигнала во Државната лотарија на 8 мај, а истиот ден бил склучен и договорот за организација на прославата. На прашањето дали тоа е доволно за Обвинителството да направи проверка, Хаџи Василева одговори: „Дали буди индиција, ќе видиме во претстојниот период“

Во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во моментов не се води постапка за договорот за прославата на 35-годишнината од независноста, изјави новата шефица на ова обвинителство, Искра Хаџи Василева, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Прашањето за прославата ѝ беше поставено откако таа потврди дека Обвинителството ќе отвора предмети и по сопствена иницијатива. Според јавно објавените документи, понудата за организација на прославата пристигнала во Државната лотарија на 8 мај. Истиот ден понудата била разгледана, била донесена одлука за избор и бил склучен договорот.
360°: Понудата била на стотина страни… и сега, истиот ден стигнала, била разгледана, била донесена одлука за избор и бил склучен договорот, а станува збор за договор од околу 4,8 милиони евра јавни пари. Ова не буди индиција да бидат проверени работите?
Хаџи Василева: Пак ќе речам, од она што го имам како информација, во моментот нема предмет. Дали буди индиција, ќе видиме во претстојниот период.
Хаџи Василева, која во кампањата за избор на шеф на ОЈО ГОКК рече дека допрениот глас ги обврзува обвинителите, во интервјуто оцени дека тој сè почесто е повод за отворање постапки за кои има висок јавен интерес.
„Допрениот глас е еден од институтите кои ги применуваме и мислам дека сме сведоци дека сè почесто претставува иницијација на некои кривични постапки кои будат особено висок интерес во јавноста. Од друга страна, пријавите кои доаѓаат од правосудната полиција – сето она што подразбира правосудна полиција, дали ќе биде МВР, дали ќе биде Финансиска полиција, Царинската управа – е нешто што е па редовниот тек на пријавување и иницирање на постапки пред Јавното обвинителство“,
рече таа.

Хаџи Василева беше прашана и дали МВР и другите институции од кои доаѓаат пријавите практично одредуваат што ќе истражуваат обвинителите. Според Хаџи Василева, тие не ја креираат политиката на кривичен прогон. Таа објасни дека во посложените предмети, особено кога се опфатени повеќе лица, обвинителите се вклучуваат уште во рана фаза и ѝ даваат насоки на правосудната полиција. МВР го посочи како најчест подносител на пријави и рече дека сака да ја унапреди досегашната соработка за расположливите ресурси да се насочат кон случаите од најголем јавен интерес.
Зборувајќи за приоритетите, Хаџи Василева ги издвои организираните криминални групи и високата корупција. На забелешката дека е важно Обвинителството да реагира и на она што се случува сега, таа одговори:
„Јас би сакала да се фокусирам… ќе мораме да се фокусираме на нешто што се случува сега. Се разбира, сето она што може да се гони, кое тангира некакви постари предмети и постари настани, ќе биде исто така предмет на разгледување“.
