Според новата шефица на ОЈО ГОКК, засега нема доволно основа Обвинителството да испитува дали при давањето на согласноста на 1 септември 2025 година е сторено кривично дело. Српските обвинители, кои водат истрага во својата земја, досега не побарале правна помош од македонските колеги

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) врши прелиминарни проверки на индиции за финансиски текови во врска со Алта банка, обзнани новата шефица на Обвинителството, Искра Хаџи Василева, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. Таа рече дека проверките се во многу рана фаза и не откри за какви финансиски текови станува збор.
На прашањето дали е оформен предмет за одлуката со која Народната банка ѝ овозможи на Алта банка АД Белград да ја преземе тогашната Стопанска банка АД Битола, Хаџи Василева одговори дека за тоа не се води предистрага.
360°: Да сумираме – предмет во предистрага во ОЈО ГОК не постои.
Хаџи Василева: Предмет во предистрага во ОЈО ГОК во однос на ова што го прашувате не постои.
360°: Во однос на индиции за финансиски текови?
Хаџи Василева: Во однос на индиции за финансиски текови – да, се вршат проверки. Прелиминарни.
Во интервјуто ја прашавме дали Обвинителството треба да испита со какви информации располагал Извршниот одбор на Народната банка на 1 септември 2025 година, кога дал согласност за преземањето. Прашањето се однесува на член 59 став 6 од Законот за банките, според кој Извршниот одбор го одбива барањето ако има основана причина за сомнеж во интегритетот на купувачот или на лицата поврзани со него. Меѓу основите за одбивање е и ризикот за репутацијата на банката.
„Јас се обидов прецизно да кажам дека постојат индиции за финансиски текови. Ова се прашања кои подразбираат исполнетост на стандарди. Во овој момент не е постигната доволна основа за Јавното обвинителство од кривично-правен аспект да го испитува овој тип прашање“,
рече Хаџи-Василева.
На дополнителното прашање дали евентуалното прекршување на оваа одредба (член 59 став 6) би можело да се подведе под злоупотреба на службената положба и овластување, таа одговори дека прекршувањето законски стандард само по себе не повлекува кривична одговорност.
Откако на Алта банка АД Белград ѝ беше одземена дозволата за работа во Србија, битолската банка е под принудна управа на Народната банка. Ја прашавме Хаџи Василева дали стечајот на сопственикот и фактот што банката во Битола оди на продажба веќе претставуваат штетна последица.

„Ќе бидам многу внимателна во одговорот, бидејќи сензитивноста во однос на прашањето го бара тоа и можноста да откривам детали од потенцијални проверки кои ги правиме. Во секој случај, штетна последица во моментот за нашите граѓани или за нашата држава, од она што го следиме и е познато, не е настапена“,
рече таа.
На забелешката дека граѓаните и фирмите имаат ограничувања во располагањето со своите пари, Хаџи Василева ги повика институциите што имаат превентивни и регулаторни овластувања да ги искористат за да спречат штета.
Според нејзините сознанија, истрагата во Србија е во понапредна фаза, но оттаму до македонското обвинителство досега не стигнало барање за правна помош. На прашањето дали македонските обвинители им се обратиле на српските колеги, Хаџи Василева одговори: „Ние до нив, како што објаснив, би требало да имаме причина за да се обратиме“.
