Од партијата велат дека нема да застанат додека ова законско решение не биде изгласано во Собранието по итна скратена постапка и ги повикуваат сите граѓани кои сè уште не се потпишале, да се приклучат на петицијата и да го дадат својот глас за превенција што спасува животи

Петицијата на Либерално-демократската партија (ЛДП) за итно воведување електронска нараквица за сторителите на семејно насилство досега ја потпишале 15 000 граѓани. Од партијата велат дека народниот револт против институционалното слепило не запира.
„Ова веќе не е само иницијатива, ова е општествен фронт што секојдневно расте и кој јасно им порачува на властодршците – продолжуваме да се потпишуваме за да знаат дека нѐ има многу“,
се вели во соопштението од ЛДП.
Од партијата сметаат дека е срамно што парламентарното мнозинство и понатаму молчи пред барањето на 15 000 граѓани, криејќи се зад процедури додека жените во Македонија секојдневно живеат во страв.
„Секој нов потпис нè носи чекор поблиску до побезбедна земја во која насилниците ќе носат електронска нараквица, а жртвите ќе ја имаат заштитата што државата е должна да им ја обезбеди. Граѓаните веќе ја донесоа одлуката – тие бараат акција, а не политички калкулации и изговори што не држат вода“,
се додава во соопштението.
Велат дека нема да застанат додека ова законско решение не биде изгласано во Собранието по итна скратена постапка.
Од ЛДП ги повикаа сите граѓани кои сè уште не се потпишале, да се приклучат на петицијата и да го дадат својот глас за превенција што спасува животи.
„Секој глас е глас против насилството, а народниот притисок е премногу силен за да можете да продолжите да го игнорирате“,
додаваат оттаму.
Актуализирањето на идејата на ЛДП доаѓа по последниот случај на фемицид во Богданци, каде што седумнаесетгодишната Билјана Кириќ, која претходно пријавувала насилство и закани по животот, беше убиена од својот партнер.
По ова, изминатиот викенд следуваа протести, од каде беа испратени повеќе пораки до институциите и надлежните.
Активистите потсетија и на имињата на други жени и девојки кои ги загубија животите како жртви на насилство – Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја…, прашувајќи уште колку жртви се потребни за институциите да се разбудат.
Инаку, во март годинава мнозинството пратеници во Собранието не го поддржаа предлогот на дел од нивните колеги од опозицијата за законски дополнувања со кои би се вовела електронска нараквица за следење сторители на семејно насилство и би ја предупредувале жртвата.
Предлогот за дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејството го поднесоа повеќемина пратеници од опозицијата, а пред пратениците го образложи претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова.
Таа посочи дека не станува збор за нов закон, туку за дополнување на посочениот закон, бидејќи пред една година пред Собранието беше поднесен истиот текст, кој и тогаш беше одбиен.
Предлогот, како што додаде таа, е поднесен по скратена постапка и има единствена цел да обезбеди превенција од насилството врз жените на кое, додаде, сведочевме изминатиот период, а кое за жал во многу наврати заврши со ненадоместливи штетни последици.
Дополнувањата на законот рече дека немаат никаква финансиска импликација, бидејќи за нивна имплементација можат да се искористат електронските нараквици предвидени за системот за пробација, а кои се наоѓаат во депото на Министерството за правда.
