Народна банка организираше превоз до Битола за корисниците на Алта банка од Прилеп, Ресен и Охрид, за да можат да си ги подигнат пензиите и социјалната помош
Покрај од филијалата во Битола, граѓаните кои немаат платежни картички, од понеделник (9 ноември), ќе може да подигнат готовина и од експозитурите на Алта банка во Тетово и во Струмица

Денеска пред експозитурата на Алта банка во Битола, пристигнале автобуси полни со пензионери и приматели на социјална помош од Прилеп, Ресен и Охрид, јавуваат повеќе медиуми.
Поради затворањето на локалните филијали, откако Народната банка воведе привремена управа на 1 ноември, граѓаните кои немаат платежни картички беа принудени да патуваат со часови за да ги подигнат своите пари на шалтер.
„Малтретирање е за наши пари. Немам картичка, имам трансакциона, чекам за на шалтер, тоа е, што да правиме. Како преживеавме, душата ни знае. Сиромашко, страдно и гладно“,
вели засегнат граѓанин од Прилеп во изјава за ТВ Телма.
За многумина, ова патување доаѓа во најлош можен момент, а повозрасните реагираа дека одењето од еден во друг град им претставува проблем.
„Наместо вечерва да се подготвувам за куќната слава Митровден, морав со автобус да патувам до Битола, по пат што сè уште се реконструира, за да си ја земам пензијата. До последен момент не знаевме дали ќе имаме пари за да го дочекаме Митровден. Во Прилеп не работи експозитурата, а немаме платежни картички“,
се пожали прилепчанка во изјава за СДК.МК.
Граѓаните кои веќе една недела немаат пристап до своите средства, реагираат остро. Тие бараат отворање шалтери во нивните градови за да не се изложуваат на дополнителни трошоци и малтретирање. Загрижени се и за идните исплати, па затоа бараат исписници од за да можат да ги префрлат сметките во други банки.
Вчера, Народна банка информираше дека ќе обезбеди превоз до Битола за корисниците на Алта банка од Прилеп, Ресен и Охрид, за граѓаните да можат да си ги подигнат пензиите и социјалната помош.
Покрај од филијалата во Битола, граѓаните кои немаат платежни картички, од понеделник (9 ноември), ќе може да подигнат готовина и од експозитурите на Алта банка во Тетово и во Струмица.
Гувернерот Трајко Славески информираше и дека неделниот лимит за подигање готовина од банкоматите на Алта банка и за плаќањето со платежните картички од следната недела се зголемува од 10 000 на 15 000 денари.
Од шалтерите ќе може да подигнат износ од 20 000 денари.
„Сите идни нови приливи од плати, пензии и социјални трансфери, коишто доаѓаат од институции или фирми кои имаат сметки во други банки, граѓаните ќе можат да ги повлечат во целост, повторувам, во целост, без ограничување на износот. Во таа смисла, клиентите немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка“,
рече Славески.
