Опремата била скриена во противпожарна светилка над влезните врати на најголемиот амфитеатар. Полицијата извршила увид и ја одзела за вештачење, соопштија од Факултетот

Техничка опрема за која се претпоставува дека служи за аудио-видеоснимање е пронајдена во најголемиот амфитеатар на Правниот факултет при Универзитетот во Белград, соопшти денеска Факултетот.
Според соопштението, опремата била откриена вчера во противпожарната светилка за итни случаи над влезните врати на амфитеатарот „Радомир Лукиќ“.
Откако техничката служба ја пронашла опремата, веднаш биле известени припадници на српското Министерство за внатрешни работи. Полицијата извршила увид и ги одзела спорните предмети за натамошно вештачење.
Од Правниот факултет велат дека особено загрижува тоа што опремата е пронајдена во просторија во која се одржуваат предавања за студентите од прва година, студиски групи, вежби и други наставни и воннаставни активности.
„Наведеното укажува на грубо прекршување на законски гарантираната неповредливост на универзитетскиот простор, како и на грубо нарушување на приватноста на студентите и вработените на Правниот факултет“, се наведува во соопштението.
Факултетот очекува надлежните органи без одлагање да ги спроведат законски пропишаните постапки за утврдување на релевантните факти и навремено да ги информираат и установата и јавноста.
