„Работите кои се во делот на локалната самоуправа се работи кои немаат етнички призвук или предзнак. Се работи за канализација, водовод, асфалтирање улици, собирање смет итн. Не можеме сè да сведеме на меѓуетнички односи“, изјави собранискиот спикер во пресрет на вториот круг од локалните избори во Брвеница
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, смета дека е крајно време на изборите во земјава да се гледа од аспект на ефикасност, прагматичност и реализација на програми, а не од етничка призма. Тој ова го кажа во пресрет на вториот круг од локалните избори во Брвеница, на кои битката за градоначалничкото место ќе се води помеѓу кандидатот Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ и Аркин Јахији од коалицијата предводена од ДУИ.

„За жал, во нашата држава во некои делови и на некои избори ни се појавува и ни се повторува случајот да се делиме етнички, особено кога зборуваме за локални избори. Работите кои се во делот на локалната самоуправа се работи кои немаат етнички призвук или предзнак. Се работи за канализација, водовод, асфалтирање улици, собирање смет итн. Не можеме сè да сведеме на меѓуетнички односи“,
изјави собранискиот спикер одговарајќи на новинарски прашања.
Според Гаши, на секои, па и на овие предвремени локални избори во Брвеница, треба да победи најдобриот, односно кандидатот што ќе ја реализира предизборната програма, а потоа и што ќе им служи исто на сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
На првиот круг од предвремените избори во Брвеница, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радически, освои 2 945 гласови, а кандидатот на „Националната алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Аркин Јахији, освои 2 152 гласови. Тие ќе се соочат во вториот изборен круг в недела, 1 ноември.
