Законот е предложен во скратена постапка, а како предлагачи се потпишани пратеници од владејчкото мнозинство
Предлог-законот со кој дел од ангажираните со договор на дело во јавните институции ќе добијат редовно вработување е доставен до пратениците и веќе се наоѓа во собраниска процедура за негово усвојување.

За статусот на предлог-законот за трансформација во редовен работен однос денеска преку објава на Фејсбук информира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој е и овластен предлагач на законското решение, како што може се да се види од материјалите на веб-страницата на законодавниот дом.
Законот е предложен во скратена постапка, а покрај него, како предлагачи се потпишни и неговите сопартијци и собраниски колеги – Антонијо Милошоски и Никола Мицевски, како и пратениците од коалициските партнери на ЗНАМ и Влен – Беким Ќоку, Бобан Карапејовски, Имрлије Салиу-Фетаи и Мимоза Муса.
Во образложението на предлог-законското решение, кое содржи 12 члена, се наведува дека со него системски се решава децениски проблем со кој се соочуваат голем број лица во јавниот сектор ангажирани со договори на дело, авторски договор или друг договор за извршување работа.
„Овој начин на ангажирање, иако бил оправдан поради потребата од флексибилност и брзо ангажирање на неопходен стручен кадар, со текот на времето доведе до создавање системски проблеми во однос на работните односи, правната сигурност и еднаквиот третман на работниците“,
се наведува во материјалот доставен до пратениците.
Според динамиката на спроведување, доколку законот ја добие поддршката од собранискиот пленум, институциите ќе имаат обврска во рок од 90 дена од стапувањето во сила да ги склучат договорите, односно да ги донесат решенијата за вработување. Трансформацијата ќе се реализира фазно, при што за најмногу 50 проценти од опфатените лица договорите или решенијата ќе стапат во сила веднаш со нивното потпишување, односно донесување, а за преостанатите најдоцна до 31 декември 2027 година.
Онаму каде што ќе биде потребно, институциите ќе имаат рок од 14 дена од влегувањето во сила на законот, да ги усогласат актите за систематизација на работните места.
Предлог-законот предвидува и заштита на лицата додека трае постапката. Институциите нема да смеат да ги раскинуваат договорите на опфатените лица додека не стапат во сила нивните решенија за вработување, освен во случаи на повреда на договорните обврски согласно законот.
Дополнително, според предлог-законското решение, од 1 јануари 2028 година за институциите што ќе бидат опфатени со него ќе има ограничувања во однос на тоа колку лица ќе може да ангажираат со договор на дело. Предвидено е тоа да изнесува најмногу 10 проценти од вкупниот број вработени на крајот на претходната година. Сепак, предвидени се исклучоци, меѓу кои и можност за надминување на овој процент најмногу четири месеци во една фискална година, со претходна финансиска согласност.
Ограничувањето нема да се однесува, меѓу другото, на лица ангажирани на еднократни проекти или проектни единици финансирани од странски извори, адвокати ангажирани за правна помош, правно советување и застапување, овластени сметководители и сметководствени друштва, како и на определени стручни и специфични ангажмани наведени во законскиот текст.
Со предлог-законот се предвидуваат и прекршочни санкции за раководните лица кои нема да ги почитуваат ограничувањата. За раководно лице во институција е предвидена глоба од 250 до 500 евра во денарска противвредност.
Од опфатот на предложениот закон се изземени акционерските друштва, воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата при Министерството за одбрана, основните и средните училишта, ученичките и студентските домови, високообразовните и научните установи, како и повеќе безбедносни институции.
Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека со предлог-законското решение треба да бидат опфатени околу 6 000 лица кои сега се ангажирани со договори на дело во институциите.

„Во речиси сите сектори бројката е околу 6 000 вработени лица, коишто се под договори на дело, под времени вработувања итн.“,
изјави Мицкоски.
Во пресрет на собраниската расправа, пратеникот Бојан Стојаноски вели дека очекува сериозен и конструктивен пристап од сите колеги пратеници, посочувајќи дека ова е можност да покажат дека Собранието може да биде место каде долгогодишните проблеми добиваат конкретни решенија.
