Министерката за образование е уверена дека наскоро ќе се изнајде решение за барањата на студентите по однос на ова прашање. Како едно од можните решенија, таа го споменува ваучерскиот систем, предложен и од претходното студентско раководство со кој, како што вели, студентите ќе можат да ги користат средствата во седвичари, пекари и ресторани, односно за нивната вистинска намена, наместо за цигари, алкохол и други потреби
Претставници на студентите денеска ќе имаат средба со министерката за образование и наука Весна Јаневска и со премиерот Христијан Мицкоски, а во фокус на разговорите ќе биде барањето за зголемување на сумата на субвенционираниот студентски оброк. Ова денеска го потврди ресорната министерка Весна Јаневска, која изрази уверување дека наскоро ќе се изнајде решение за барањата на студентите по однос на ова прашање.

Средбата доаѓа откако студентските организации изминатиот период бараат зголемување на студентскиот оброк.
„Имав средба со студентите, со претставници на студентските собранија на неколку универзитети, зборувавме за студентскиот оброк. Апсолутно сум сигурна дека решение ќе изнајдеме, но, гледам една мала дисонанца во континуитет на раководството на студентските собранија. Мислам дека не беа сосем доволно информирани за договорите што претходно сме ги имале со студентите и дека не сме имале никаков проблем во решавањето на студентскиот стандард и сите нивни потреби. Оттука, мислам дека сме блиску до изнаоѓање на решение“,
изјави министерката Весна Јаневска, одговарајќи на новинарски прашања.
Јаневска вели дека со претходното раководство на студентските организации имале договор за проширување на опсегот, наместо зголемување на износот на субвенцијата. Тој договор, според неа, бил реализиран, но новото раководство сега има дополнителни барања. Како едно од можните решенија, Јаневска во оваа смила го споменува ваучерскиот систем, кој бил предложен и од претходното студентско раководство.
Со ваучерите, вели министерката, студентите ќе можат да ги користат средствата во седвичари, пекари и ресторани, односно за нивната вистинска намена, наместо за цигари, алкохол и други потреби.
„Дополнително би сакала да кажам дека имаме двојно субвенционирање на оброкот, затоа што студентите кои се сместени во студентски домови веќе имаат храна, но во ред е, ние сакаме да ги задоволиме потребите на нашите млади кои во иднина ќе ја водат оваа држава и ќе се договараме и понатаму со нив. Ќе видиме до кое решение ќе дојдеме и штом дојдеме до некаква решение, ќе бидете информирани“,
изјави Јаневска.
Зголемување на сумата на субвенционираниот студентски оброк од 140 на 200 денари ќе бара и опозицискиот СДСМ преку амандмани на предложениот втор ребаланс на Буџетот.
