„Некој ќе коментира зашто славиме и дали славиме туѓи избори. Не, туку го славиме доаѓањето на демократскиот бран тука во регионот, затоа што тие бизнис политички и медиумски спреги на Александар Вучиќ, и до пред некое време на Виктор Орбан, се спрегите коишто го хранат, го хранеа режимот наш тука на Христијан Мицкоски“, рече лидерот на СДСМ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција им ги честита изборните резултати на граѓаните на Србија, оценувајќи ги како „ослободување од криминалниот режим“.
„Некој ќе коментира зашто славиме и дали славиме туѓи избори. Не, туку го славиме доаѓањето на демократскиот бран тука во регионот, затоа што тие бизнис-политички и медиумски спреги на Александар Вучиќ, и до пред некое време на Виктор Орбан, се спрегите коишто го хранат, го хранеа режимот наш тука на Христијан Мицкоски“,
рече Филипче.
Според него, Александар Вучиќ му бил менторот и тој што давал насоки како да функционира Христијан Мицкоски.
„И тој систем многу добро за жал го имплементираше во нашава земја“,
рече тој нарекувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ „помал приврзок на српската СНС“.
Лидерот на опозицијата ги повтори обвинувањата што изминатиот период ги изнесуваат од СДСМ, а кои се за поврзаност на домашната власт со криминални и деловни интереси од Србија.
Филипче укажа на сомнителни зделки со струја, споменувајќи ги министерката Сања Божиновска, руските и српските врски преку „Руднап“, како и контроверзниот статус на почесниот конзул Душан Адамовиќ.
Тој потсети на случаите во кои беа вмешани високи српски функционери, тврдејќи дека компании од Македонија кои имаат директна релација со луѓе блиски до Мицкоски биле дел од трансферот на пет тони дрога.
„Укажавме и на шверцот, односно веројатно договорениот трансфер на дрогата преку граница. Пет тони дрога, во кој преписките пред некое време излезе дека сите од власта во Србија биле вовлечени во наркобизнисот од највисокиот врв преку директорите на БИА и Гашиќ и Вулин. Луѓето коишто тука имаа средби и со Христијан Мицкоски и со Максим Димитриевски“,
кажа Филипче.
Филипче упати критики за влезот на „Алта банка“, на која ѝ беше забранет влез во Црна Гора и други европски земји. На „Алта банка“, рече тој, ѝ беше дозволено да купи банка и осигурителна компанија во Македонија.
Исто така, тој обвини дека преку српски нерегистрирани медиуми и новинарски медиумски куќи се спроведувала хајка и дискредитација против него и опозицијата.
„Со години наназад рушеа кредибилитет незаслужено и за тоа да знаат дека ќе одговараат. Ќе дојде денот кога ќе одговараат за тоа. Влезот на ‘Ало медиумите’, влезот на ’Еуроњуз’. Тие луѓе вработија тука новинари, а немаа лиценца за работа. Сакаа како последен чекор, свесни дека им се руши балканскиот октопод, авторитарен и криминален, како последен чекор да ги внесат тие медиуми тука кај нас“,
додаде Филипче.
Беше истакнато дека и новиот премиер на Унгарија отворил истрага за кинеските средства, од каде што потекнува унгарскиот кредит од една милијарда евра, со кој, според него, се задолжени идните генерации во Македонија.
„За што? За партиски тендери и за провизии, за ништо друго. Милијарда евра коишто ќе ги враќаат следните којзнае колку генерации. Ете за таква соработка станува збор. Ете за таков постепен домино-пад на системот станува збор“,
рече лидерот на СДСМ.
Филипче упати директна порака до премиерот Мицкоски, обвинувајќи го дека користи српски рецепт за разделување на опозицискиот блок преку формирање и поддржувања на помали политички субјекти како ЗНАМ и Левица, но и преку обиди за формирање нови фракции.
„Јавно, јасно и гласно му порачувам: поделбата нема да ви успее. СДСМ е единствената кредибилна и неконтролирана опозиција во земјава. Единствениот сојуз што го правиме е сојузот со граѓаните за развиена и европска Македонија“,
изјави Филипче.
Лидерот на СДСМ вети дека по доаѓањето на власт ќе следува целосна одговорност без разлика кој на која партија ѝ припаѓа.
„Не само што ќе има одговорност, ќе враќаат пари. Сите, до последен денар, којшто го украдоа буџетот од иднината на децава и на семејствата и на граѓаните да знаат дека ќе го вратат од таа борба. Никој нема ниту да нè предомисли ниту да направи да се откажеме“,
кажа тој.
