Три лица се осомничени и приведени, а според првичните сознанија на полицијата, мотив за убиството се нерегулирани финансиски односи
Бугарскиот бизнисмен, поранешен европратеник и европски шампион во тaеквондо, Слави Бинев, е убиен утрово во Софија, пренесуваат бугарските медиуми. Според информации од полицијата, три лица се осомничени и приведени. Бинев, како што пренесуваат дел од медиумите, бил убиен пред својот дом во населбата Павлово во Софија утрово околу 10 часот и 30 минути по локално време.
Бугарските медиуми објавија дека Бинев бил застрелан со еден куршум во главата и дека тројцата осомничени биле вооружени во моментот кога полицијата ги пресретнала и привела на автопат.
„Претпоставуваме дека мотивите за убиството, иако е многу рано да се коментира, се некакви нерегулирани финансиски односи. Според првичните информации со кои располагаме, лицата кои му биле гости на господинот што е застрелан се занимавале со градежништво и имаат градежна фирма. Во моментов градат два комплекса на територијата на Софија,“
изјави Љубомир Николов, главен секретар на МВР на Бугарија.
Бинев е роден 1965 година во Софија, а бугарските медиуми пишуваат дека неговата спортска кариера е целосно поврзана со таеквондото, во кое постигнува значајни успеси, вклучително и титулата европски шампион на првенството во 1992 година.

По завршувањето на активната натпреварувачка кариера, Бинев се етаблира како меѓународен судија, тренер и спортски функционер. Извршувал значајни функции, меѓу кои претседател на Бугарската федерација за олимписко таеквондо и потпретседател на Европската таеквондо унија.
Паралелно со спортот тој развива голем бизнис во секторите на безбедноста, градежништвото и забавната индустрија, управувајќи со некои од најпопуларните ноќни клубови во бугарската престолнина.
Неговата политичка кариера официјално започнува во 2007 година, кога е избран за европратеник од листата на партијата „Атака“, а во 2009 година освојува втор мандат во Европскиот парламент.
