„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме и протестите и насилството од разни облици присутни во Европа и кај нашите соседи. А на Балканот службите никогаш не престануваат да работат“, рече премиерот во говорот
Ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации и наметнувања, особено на како што рече, вештачки прашања и хиперболизирани етнички теми
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во обраќањето на Свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, предупреди на можни обиди Македонија да биде вовлечена во проблемите на други земји или дел од нивната атмосфера да се пренесе во секојдневието на граѓаните. Оцени дека состојбата во Европа станува се понемирна, посочувајќи на протестите и различните форми на насилство во евроските земји и во регионот.

„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме и протестите и насилството од разни облици присутни во Европа и кај нашите соседи. А на Балканот службите никогаш не престануваат да работат. И нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие“,
рече тој во обраќањето по повод 23 Октомври.
Според него, и дел од опозицијата би можела да учествува во вакви сценарија.
„А што се однесува до домашни актери за таква игра, тоа е многу лесно. Има неколку од опозицијата, што за пари и лажни ветувања за фотелја, чуда умеат да прават“,
додаде премиерот.
Ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации и наметнувања, особено на како што рече, вештачки прашања и хиперболизирани етнички теми.
„Нема да дозволам никакви нечесни игри ниту авантури. И ако некој мисли дека може да си игра со државата, нека не го потценува народот“,
порача Мицкоски.
Според него, претстојат тешкотии и одлуки за кои ќе се водат сериозни расправи, а обврска на власта, како што додаде, е да ги објаснува одлуките, да ги сослуша граѓаните и да ги исправи грешките кога ќе се појават.
„Држава се води со отворени очи за реалноста и со чувство за животот на луѓето“,
рече тој.
Порача дека граѓаните се уморни од ветувања и дека довербата мора да се оправдува секој ден.
„Знам дека има луѓе кои работат чесно, а на крајот од месецот повторно пресметуваат што можат да платат и што мора да одложат. Знам дека има родители кои се радуваат на успехот на своите деца, а во себе стравуваат дека тој успех ќе ги одведе далеку од дома. Пред тие луѓе секој носител на јавна функција мора да покаже скромност и почит. Нивната мака заслужува одговор, нивното време заслужува почитување, а нивната доверба мора да се оправдува секој ден“,
кажа премиерот.
Зборувајќи за проектите на Владата, рече дека се градат шест автопатски делници, два гасоводи и еден далекувод, дека повеќе од 90 милиони евра се вложени во образовната инфраструктура и дека над половина милијарда евра се наменети за повеќе од 1 200 општински проекти.
За време на вчерашната посета на Црна Гора, рече дека неговите соговорници му ги пофалиле економските постигнувања на земјава, по што, додаде дека за првпат почувствувал гордост поради резултатите на Владата.
„Кога вчера во Црна Гора зборував на моите соговорници за економските постигнувања, некои од нив и самите ни приоѓаа и велеа одлични сте, тогаш за првпат се почувствував, еве веќе втора година и некој месец како што сум претседател на Владата, се почувствував горд и ви благодарам на сите вас и на сите мои соработници во Владата кои заедно придонесовме ова да го постигнеме“,
рече премиерот.
Повтори дека Македонија има најниска инфлација во Европа и регионот, додавајќи дека на критиките Владата ќе одговара со работа и посветеност.
Повика на обединување околу националните интереси и истакна дека слободата подразбира еднаквост пред законот, можност за чесна заработка и слободно изразување.
