Европскиот економски и социјален комитет нотирал назадување во економијата, медиумите, социјалната сфера и владеењето на правото. ХЕРА предупредува дека ваквите состојби ја оддалечуваат земјата од европската интеграција
Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) објави извештај за фундаменталните права и владеењето на правото во Северна Македонија, по мониторинг-посетата во март 2026 година. Документот, кој ги вклучува согледувањата на граѓанското општество, укажува на сериозни предизвици во заштитата на човековите права, родовата еднаквост, борбата против дискриминацијата и функционирањето на демократските институции.

Од ХЕРА особено ги издвојуваат предупредувањата за назадување во родовата еднаквост во образованието, што, според организацијата, е поврзано со реакциите на институциите на ставовите на антиродовите движења.
Во извештајот се посочуваат проблеми во повеќе области. Во образованието, отстранувањето на родовата еднаквост од законодавството се оценува како чекор назад во заштитата од дискриминација и во создавањето инклузивна образовна средина.
Се укажува и на зголеменото присуство на антиродовите движења во јавниот дискурс и нивните консултации со пратеници за законски решенија, што, според наодите, отвора прашања за демократските принципи и вредности при креирањето политики за човековите права.
Меѓу другите предизвици се издвојуваат дискриминацијата, говорот на омраза, бавните судски постапки и недоволната институционална реакција во заштитата на жените и ЛГБТИ-лицата. Во однос на родово базираното насилство, се посочуваат недоволната институционална поддршка, благите санкции и ограничениот пристап до специјализирани услуги за жртвите.
Извештајот ги опфаќа и ширењето дезинформации и антидемократски наративи, недоволното јавно финансирање и ограниченото учество на граѓанските организации во процесите на донесување одлуки.
Од ХЕРА оценуваат дека овие наоди се сериозно предупредување не само за реформите и европската интеграција, туку и за начинот на кој институциите и политичарите ги штитат демократските принципи и човековите права.
Организацијата повикува на итни институционални мерки, меѓу кои враќање на родовата еднаквост во образовните политики, доследна примена на законите за заштита од дискриминација, поефикасна заштита од родово базирано насилство, воспоставување механизми за справување со дезинформациите и штетните наративи, како и обезбедување одржлива поддршка за граѓанските организации.
„Европската интеграција не смее да се сведе на формално усогласување на законите. Таа мора да значи вистинска заштита на човековите права, еднаквост и демократски институции отпорни на притисоци што ги поткопуваат овие вредности“,
порачуваат од ХЕРА.
