„Повторно сме пред историски испит во ова време-невреме, да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава. Нашиот долг кон предците е да го чествуваме споменот за нив, оддавајќи им должно признание, кон современиците да постапуваме со одговорност кон надлежностите и работните обврски, а кон идните поколенија – како гарантори на нивната сигурна иднина“, се вели во честитката на претседателката по повод празникот
Чествувањето на македонската државност подразбира почит кон генерациите кои ги поставиле нејзините темели и ги жртвувале животите за остварување на идеалот за национална држава, вели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Во честитката, таа истакнува дека повикувањето на Илинденското востание и на комитите е неразделно од сеќавањето на борбата за слобода и самостојност.
„Не можеме да говориме за ослободувањето на татковината, а да ја премолчиме или да ја занемариме саможртвата на оние што со натчовечки напор се обиделе, но не успеале да го остварат сонот за национална држава. Не можеме да ја чествуваме државноста, а да ја заборавиме пожртвуваноста на поколенијата што ги удриле нејзините темели и ги вградиле животите во нив“,
вели таа.
Според неа, 23 Октомври има посебно место во македонската историја, бидејќи со основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, македонските дејци ги претвориле стремежот за слобода и желбата за самобитност во организирана борба за сопствена држава.
„Во бурните историски времиња и тешки околности, водени од македонскиот непокор и од насушната потреба од пристоен човечки живот, тие го трасирале патот на македонската револуционерна борба“,
додава претседателката.
Почитта кон револуционерите, како што вели, има вистинска смисла само доколку вредностите за кои се бореле се преточат во праведност, солидарност и посветеност на општото добро.
„Историското завештание не е само причина за гордост, туку и морална обврска да ја унапредуваме државата, да го штитиме човечкото достоинство и да создаваме општество во кое правото, правдата и моралот ќе бидат не само темелни вредности, туку и реалност“,
се вели во честитката на претседателката по повод празникот.
Денешниот придонес кон државата се докажува преку чесна работа, интелектуална смелост и решителност за спроведување на неопходните реформи.
„Повторно сме пред историски испит во ова време-невреме, да го продолжиме стремежот на претходниците за просперитетна македонска држава. Нашиот долг кон предците е да го чествуваме споменот за нив, оддавајќи им должно признание, кон современиците да постапуваме со одговорност кон надлежностите и работните обврски, а кон идните поколенија – како гарантори на нивната сигурна иднина“,
порачува таа, честитајќи го 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Во земјава денеска се одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во чест на основањето на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО) во Солун во 1893 година.
