Синдикатите велат дека изразуваат солидарност со праведната борба на студентите, учениците и работниците во образованието против сиромаштијата, неправдата, експлоатацијата

Синдикатите и студентските организации во Грција денеска организираат национални штрајкови и протести во знак на протест против зголемените трошоци за живот и барањата за поголеми инвестиции во јавното образование, пишуваат грчките медиуми.
Според написите, само во Атина треба да бидат распоредени околу 3 000 полицајци, во обид да се спречат немири слични на оние што се видени во неколку други европски градови.
Учениците и студентите вчера попладне поставија шатори на плоштадот „Синтагма“, пред грчкиот парламент во Атина, како дел од нивниот протест. Нивните барања вклучуваат пониски кирии, повисоки субвенции за домување, повеќе сместување за студентите и дополнителен наставен кадар.
Вработените во јавниот сектор, исто така, организираат штрајкови по повикот на конфедерацијата на синдикати АДЕДИ. Во соопштението АДЕДИ ги повикува сите служби од јавниот сектор во земјата да излезат денеска во 11 часот на протест кој ќе трае до крајот на работниот ден.
„Ги повикуваме да ги здружат своите гласови со наставниците, вработените на универзитетите, студентите и нивните родители, кои се спротивставуваат на антиобразовната политика на владата и бараат зголемување на платите, значителна поддршка за работата на наставниците, безбедни училишта, задоволување на образовните потреби на децата, јавно и бесплатно образование“,
се вели во соопштението.
Оттаму велат дека изразуваат солидарност со праведната борба на студентите, учениците и работниците во образованието против сиромаштијата, неправдата и експлоатацијата.
Клучно барање е зголемување на платите и на пензиите, вклучително и враќање на 13-тата и 14-тата плата, како и мерки за справување со високите трошоци за живот.
Синдикалната федерација исто така бара вработување на постојан кадар, трајни работни места за лицата ангажирани со договори, како и подобри услови за работа и заштита на работничките и синдикалните права.
Исто, и организациите на пензионерите денеска планираат собир на плоштадот „Национален отпор“, по што ќе следи марш до Министерството за здравство.
Организациите на пензионери, кои се дел од оваа федерација, бараат зголемување на сите пензии, враќање на исплатата на 13-тата и 14-тата пензија, укинување на придонесот за солидарност и исплата на заостанатите побарувања. Тие бараат исплата на 400 евра за сите пензионери без оглед на возраста, како и мерки за справување со растечките трошоци за живот. Покрај тоа, тие бараат вработување дополнителен персонал во јавниот здравствен систем, бесплатни лекови и медицинска заштита, како и обновување на социјалните услуги, како што е социјалниот туризам.
