Попустот, велат од „Окта“, почнува да важи од денеска заклучно со 2 ноември, а се воведува како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива
Нафтената компанија „Окта“ преку соопштение информира дека од денеска воведува привремен попуст од два денари по литар за дизел горивото. Попустот, велат од „Окта“, ќе важи заклучно со 2 ноември, а се воведува како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива.

„Попустот ќе се применува на продажбата на дизел гориво што ‘Окта’ го испорачува на трговците со горива на големо и мало. Учесниците на пазарот и понатаму самостојно ќе ги утврдуваат конечните малопродажни цени, во согласност со своите комерцијални политики и актуелните пазарни услови“,
велат од нафтената компанија.
„Окта“ ја започна иницијативата за попусти на горивата кон средината на март годинава во услови на зголемена нестабилност на меѓународните и регионалните енергетски пазари и притисок врз цените на нафтените деривати.
„Со најновата иницијатива, вкупната вредност на досегашната поддршка, која ‘Окта’ ја обезбедува за домашниот пазар од март 2026 година, се очекува да достигне приближно 8 милиони евра“,
велат од компанијата.
Според најновата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) од денеска дизелот се продава за 99 денари по литар, литар еуросупер БС-95 чини 96 денари, а еуросупер БС-98 ќе се продава за 98 денари по литар.
