Со Планот, меѓу другото, се предвидува и размена на информации и искуства помеѓу македонското и бугарското министерство за здравство, размена на специјалисти за обуки и консултации, учество на научни и медицински настани, реализација на заеднички научни и практични проекти, како и соработка при организирање курсеви и семинари
Министерот за здравство Сашо Клековски денеска во Софија со својата бугарска колешка Катја Ивкова потпиша План за соработка меѓу министерствата за здравство на Македонија и Бугарија за период од 2026 до 2028 година.

Со Планот се потврдува определбата на двете земји за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во областа на здравството и медицинските науки, а предвидува и размена на информации и искуства, размена на специјалисти за обуки и консултации, учество на научни и медицински настани, реализација на заеднички научни и практични проекти, како и соработка при организирање курсеви и семинари.
„Како приоритетни области на соработка се утврдени примарна и специјализирана медицинска заштита, болничка здравствена заштита, превенција и контрола на заразните и незаразните болести, како и епидемиолошки надзор, медицинска статистика, организација на здравствен одговор при вонредни состојби, електронско здравство, како и други области од заемен интерес“,
соопштија од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека Планот за соработка претставува дополнителен чекор во јакнењето на добрососедските односи и институционалната соработка меѓу двете земји, со цел размена на знаења и добри практики и унапредување на квалитетот и достапноста на здравствените услуги за граѓаните.
