Според објавите на дел од медиумите, во инцидентот учествувале околу 15 малолетници, а дел од нив веќе се повикани во полициска станица
Неофицијално, момчето се здобило со сериозни повреди, меѓу кои и скршени заби
Малолетник е физички нападнат од група негови врсници во скопската населба Влае, при што бил употребен и тврд предмет, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Случајот во полиција е пријавен вчера попладне од страна на мајката на нападнатиот малолетник, а како што информираат од полицијата, се преземаат мерки за негово расчистување.

Според пријавата, нападот се случил околу во неделата веднаш по полноќ, а дел од напаѓачите ѝ биле познати на жртвата.
„На 18.10.2026 во 15:30 часот во СВР Скопје 39-годишна жена пријави дека околу 00:30 часот на подрачјето на Влае нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од група малолетници, од кои некои ги познавал, а бил употребен и тврд предмет“,
пишува во полицискиот билтен.
Според објавите на дел од медиумите, во инцидентот учествувале околу 15 малолетници, а дел од нив веќе се повикани во полициска станица. Неофицијално, момчето се здобило со сериозни повреди, меѓу кои и скршени заби.
Во сведоштво за медиум мајката на нападнатото момче предупредува за наводна група малолетници кои на плоштадот „Делфина“ формирале круг и ги тепале оние што случајно ќе поминеле низ него.
Сепак, вели дека не може да потврди дали истата група е поврзана и со нападот врз нејзиниот син.
Случајот е уште еден инцидент на врсничко насилство во Скопје. На 31 август во скопски Чаир 13-годишно момче беше прободено со нож во пределот на срцето при пресметка меѓу две групи. Осомничени во случајот се 19-годишник и неговиот 13-годишен брат.
