Од Агенцијата за храна и ветеринарство додаваат дека засилените инспекциски надзори нема да запрат тука и ќе се интензивираат и во наредниот период на повеќе локации во Скопје и низ земјата

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најави продолжување на засилените вонредни инспекциски контроли на зелените пазари низ земјава, со цел да се сузбие нелегалната трговија и продажбата на храна во несоодветни услови.
Акциите ќе бидат насочени кон спречување на продажбата на овошје и зеленчук без соодветно потекло, која најчесто се врши од страна на препродавачи лоцирани надвор од организираните пазарни простори.
Од АХВ велат дека во рамките на акциите спроведени изминатата недела на скопскиот „Зелен пазар“ и на пазарот во населбата Ѓорче Петров, инспекторите заплениле и уништиле над пет тони небезбедна храна.
„Станува збор главно за овошје и зеленчук, кои нелегално се продавале надвор од пазарот, со што директно ја загрозуваат безбедноста на потрошувачите, но и ја нарушуваат конкуренцијата на пазарот на штета на примарните земјоделски производители и легалните трговци“,
велат од АХВ.
Контролите, велат оттаму, се спроведуваат во координација со комуналната инспекција на Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и Државниот пазарен инспекторат, со цел спречување на нелегалната трговија и обезбедување законски услови за продажба на храна.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство додаваат дека засилените инспекциски надзори нема да запрат тука и ќе се интензивираат и во наредниот период на повеќе локации во Скопје и низ земјата. Активностите имаат за цел заштита на здравјето на граѓаните, спречување на прометот со небезбедна храна и создавање фер услови за работа за сите легални трговци и примарни земјоделски производители.
