„Првичните резултати од Аналитичкиот центар на СДСМ за изборите за градоначалник на Брвеница покажуваат дека во споредба со изборите од 2025 година гласовите на ВМРО се намалиле за 13% а гласовите на СДСМ се зголемиле за 46%“, велат од опозицискиот СДСМ

Опозицискиот СДСМ вечерва соопшти дека, според нивните анализи, во споредба со претходните локални избори, на денешните во општина Брвеница нивните гласови се зголемиле, а на ВМРО-ДПМНЕ се намалиле.
Од партијата соопштија конкретни бројки.
„Првичните резултати од Аналитичкиот центар на СДСМ за изборите за градоначалник на Брвеница покажуваат дека во споредба со изборите од 2025 година гласовите на ВМРО се намалиле за 13% а гласовите на СДСМ се зголемиле за 46%. Односно од 3 388 гласа освоени за градоначалник во 2025 година сега кандидатот на ВМРО, Стојанчо Радичевски освил 2 944 гласа. Тоа е пад на поддршката за 13%. Падот на ВМРО е уште поголем, над 20% ако се има предвид дека и ЗНАМ и Левица го поддржаа кандидатот на ВМРО. СДСМ во 2025 година освои 481 глас за кандидатот за градоначалник а сега, 2026 година, кандидатот на СДСМ, Јовица Радески освои 706 гласа што е зголемување за 46%“,
велат од СДСМ.
Во СДСМ сметаат дека резултатите во Брвеница го потврдуваат трендот дека поддршката за ВМРО-ДПМНЕ се намалува, а довербата во СДСМ расте.
Државната изборна комисија веќе објави првични резултати од гласањето. Според сто отсто обработени избирачки места, води кандидатот Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ кој има 2 943 гласа, втор е кандидатот на „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ, Аркин Јахиј со 2 152 гласа, терт е Јакуп Усеини од Влен со 1 528 освоени гласа, а следуваат Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ со 706 и независните кандидати – Душан Богдановски со 55 и Арифе Идризи со 21 глас.
