МВР оценува дека примената на постојниот закон е ограничена поради институционална недоверба, претесен опфат и недостиг на оперативен капацитет

Владата предлага закон со кој целосно ќе престане да важи Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со кој е уредена координацијата меѓу Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и военото разузнавање. Предлог-законот е утврден на владината седница одржана на 13 октомври 2026 година, а според придружниот допис, во Собранието е примен на 15 октомври.
Како причина за укинувањето, во образложението се наведува ограничената примена на постојното законско решение. Притоа, Министерството за внатрешни работи не го оспорува неговиот концепт, туку посочува проблеми во практичното спроведување.
„Оценка на Министерството е дека Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија е системски правилно поставен и концепциски усогласен со ЕУ и НАТО стандарди, меѓутоа неговата имплементација во пракса е ограничена. Неговата ограничена имплементација е резултат на институционална недоверба, претесен опфат и недостиг на оперативен капацитет“,
се наведува во образложението.
Постапката за преиспитување на потребата од овој закон почнала повеќе од една година порано. На седница од 23 септември 2025 година, Владата го задолжила МВР да достави мислење за неговото натамошно постоење и примена. Министерството одговорило дека нема потреба законот да продолжи да важи, по што е предложено негово целосно укинување.
Предлог-законот содржи само два члена – со првиот се предвидува престанување на важењето на постојниот закон, а со вториот новиот закон да стапи во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник“. Во образложението се наведува и дека ќе следува ставање вон сила на решенијата за формирање на Советот за координација и за разрешување и именување негови членови. Не се предвидени дополнителни буџетски средства.
Што престанува да важи и зошто
Законот што се предлага да престане да важи е донесен во мај 2019 година. Со него се предвидува Совет за координација со кој претседава премиерот, а во кој членуваат вицепремиерот (тогаш) задолжен за Рамковниот договор и политички систем, министрите за внатрешни работи, одбрана и надворешни работи, директорите на АНБ и АР и раководителот на воената безбедност и разузнавање.

Советот треба да ја координира работата на службите, да ги проценува безбедносните закани и ризици, да дава насоки и да ги разгледува и спроведува предлозите на Советот за безбедност. Предвидено е да заседава најмалку еднаш во три месеци и задолжително да ги информира претседателот на државата, претседателот на Собранието и Владата за заканите и ризиците за националната безбедност.
Законот предвидува и Канцеларија на Советот, која ги обединува и оценува информациите од службите и подготвува заеднички проценки и препораки. Значи, решението воспоставува механизам за координација на одделни служби, чии надлежности и организација се уредуваат со посебни закони.
Иако нема потврда дека двата процеса се поврзани, предложеното укинување може да се чита како вовед во најавуваното спојување на АНБ и АР. Сепак, самиот предлог не објаснува со каков механизам би се заменила досегашната координација.
За спојувањето на двете агенции, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во интервју за „360 степени“, објавено на 8 јуни годинава, рече дека не може да се определи додека не види конкретни законски решенија. Дотогаш, како што посочи, ѝ биле претставени само скица и груби решенија.
Таа ја нагласи потребата од парламентарна контрола, внимателно разгледување на концентрацијата на моќ и заштита од партизација и политизација. Побара евентуалните промени да се носат во редовна постапка, со експертска и стручна дебата.
„Значи, да имаме решенија кои одговараат на нашите услови“,
рече Сиљановска-Давкова.
На прашањето дали спојувањето би значело одземање дел од надлежностите на шефот на државата, кој го назначува директорот на АР, таа одговори дека тоа зависи од избраниот модел. Посочи дека постојат различни решенија, вклучително и поделена улога во предлагањето и давањето согласност за изборот на раководството.
Спојувањето на службите е дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, а во негов прилог премиерот Христијан Мицкоски зборуваше уште во 2024 г.
