Инспекциските контроли биле спроведени во Охрид и Струга, а против две месарници кои не го почитувале донесеното Решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник поднесени се соодветни прекршочни санкции

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека нејзините инспектори спровеле вонредни контроли во месарници во Струга и Охрид при што се запленети и уништени илјада килограми пилешки желудник кој е забранет за увоз и користење. Запленети и уништени се и 55 килограми подготовки од месо каде бил употребен пилешки желудник.
Против две месарници кои не го почитувале донесеното Решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник поднесени се соодветни прекршочни санкции.
Како што информира АХВ, спроведените контроли во месарниците во Охрид и Струга се дел од засилените контроли кои се спроведуваат во насока на спречување на нелегалните активности со овој вид храна, сузбивање на овој вид криминал и заштита на здравјето на потрошувачите.

„Со цел обезбедување на висок степен на заштита на јавното здравје и интересите на потрошувачите, Агенцијата во јули 2024 година донесе решение за забрана за увоз и употреба на пилешки желудник наменети за човечка исхрана, во производство на подготовки и производи од поради утврдени потенцијали ризици од употребата на мускулниот дел од желудникот на живината по здравјето на луѓето – можна контаминација со патогени- бактерии и вируси, присуство на токсини и сл. Решението за забрана АХВ ја донесе врз основа на резултатите од спроведената анализа на ризик од можни опасности по здравјето на граѓаните од консумација на овој тип внатрешни органи од живина по здравјето на граѓаните и од резултатите од спроведените инспекциски контроли со кои тогаш беше утврдена злоупотреба и измама на потрошувачите од страна на неколку месни индустрии“,
соопшти АХВ.
