„Едниот очекувам да биде синхронизиран и пуштен во употреба до крајот на првата половина идната година, а другиот до крајот на 2028 да биде целосно синхронизиран“, вели премиерот

Со изградбата на двата гасоводни интерконектори, со северниот и јужниот сосед, драматично ќе се зголеми геостратегиското значење на Македонија – истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски посочувајќи дека едниот очекува да биде пуштен во употреба до крајот на првата половина идната година, а другиот до крајот на 2028.
Според него, двата гасоводи ќе значат можност за инвеститори, кои би сакале да вложат во производствени капацитети на електрична енергија, а го користат гасот како погонско гориво, како и можност при реконструкција и модернизација на термоелектраните што користат јаглен како погонско гориво да направат конверзија на гас и со тоа да се зачуваат работните места и тие објекти да продолжат да произведуваат.
„Во овој момент како никогаш досега се градат два гасоводни интерконектори, едниот со нашиот јужен сосед, другиот со нашиот северен сосед. Едниот очекувам да биде синхронизиран и пуштен во употреба до крајот на првата половина идната година, а другиот до крајот на 2028 да биде целосно синхронизиран“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на новото основно училиште во скопско Ченто.
Тој нагласи дека процесот е во тек и оти АД ЕСМ разговара со Светската банка и набргу очекува убави вести за проектот.
Во однос на обезбедувањето на средствата за брзата пруга, премиерот информира дека допрва ќе биде објавен меѓународен повик.
„Веќе донесовме на Влада одлука и ја задолживме ‘Македонски железници – транспорт и инфраструктура’ да објави меѓународен повик, со кој ќе се бара финансиер“,
истакна Мицкоски посочувајќи дека очекува повикот да биде објавен овој месец.
