„Ќе се залагам за враќање на достоинството на просветните работници и нивно поставување на местото што го заслужуваат во ова општество. Нè чека многу работа и се надевам дека ќе наидеме на разбирање од социјалните партнери, со што ќе успееме да го подобриме економско-социјалниот статус на просветните работници во цела Македонија“, рече новоизбраниот претседател на СОНК
Стојко Рамов е избран за нов претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК). Доаѓа на местото на досегашниот претседател Јоаким Неделков, кој долги години раководеше со синдикатот.

Како приоритети во претстојниот период, Рамов ги најави потпишувањето колективен договор за детската заштита и склучувањето нов колективен договор за културата, со цел подобрување на економско-социјалниот статус на вработените.
„Ќе се залагам за враќање на достоинството на просветните работници и нивно поставување на местото што го заслужуваат во ова општество. Нè чека многу работа и се надевам дека ќе наидеме на разбирање од социјалните партнери, со што ќе успееме да го подобриме економско-социјалниот статус на просветните работници во цела Македонија“,
вели новоизбраниот претседател.
Во врска со роковите за исполнување на овие очекувања, вели дека постигнувањето договор зависи од волјата на двете преговарачки страни.
„Тоа се преговори и не зависи сè само од СОНК, туку и од другата страна. Затоа, треба да изнајдеме заемно прифатливо решение со цел постигнување договор“,
кажа тој.
Досегашниот претседател на СОНК, Јаким Неделков, на конгресот посочи дека се очекува завршување на преговорите за колективните договори, при што додаде дека дел од прашањата се усогласени, но остануваат отворени теми поврзани со детската заштита, културата и исплатата на платите.

„Во делот на детската заштита веројатно има уште многу да се работи, од типот на менување одредби од Законот за заштита на децата, како и измена и дополнување на некои одредби во колективниот договор. Имаме соодветни проблеми и во делот на културата, околу системот на исплата на платите и слично“,
кажа Неделков.
Според него, треба да се уреди и статусот на вработените во ученичките и студентските домови, преку соодветен акт што ќе ги регулира работните односи и исплатата на платите. Како краен рок за завршување на овие процеси ја посочи 2027 година, со можност тоа да се случи и порано.
На конгресот присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која оцени дека соработката со СОНК придонела за спроведување на образовните политики. Како една од придобивките го посочи четиригодишниот план за континуирано зголемување на платите на наставниците, кој треба да продолжи и во март следната година.
Министерката ги истакна и кариерното напредување на наставниците, подобрувањето на условите за работа и намалувањето на административните обврски како области во кои е постигната соработка.
Во однос на оптимизацијата во образованието, посочи дека реформата треба да го подобри образовниот процес и условите за работа, без отпуштање на наставниците. Процесот, според неа, би требало да трае најмногу четири години, во кои нема да има нови вработувања.
Неделков оцени дека досегашното спроведување на оптимизацијата било добро менаџирано во соработка со социјалните партнери и дека нема отпуштања на вработени во образованието.
