Тој вели и дека ќе има набавка на нови електрични локомотиви, за што веќе се договориле со Европската банка за обнова и развој

Ќе се реконструира, надгради и електрифицира пругата од Велес до Битола, најави министерот за транспорт Александар Николоски.
Тој вели дека веќе имале средба со евроамбасадорот и оти делницата е влезена во програмата ИПА 3, која треба да биде усвоена од ЕУ до крајот на годината и веќе од 1 јануари таа да е оперативна.
„Секако, ќе има процес на тендерирање, избор на изведувач, изведба, но веќе Велес – Битола влезе како приоритет. Таму одиме со реконструкција, надградба и многу важно електрификација, затоа што сега до исклучувањето кај Велес е електрична, а потоа мора да се користи дизел-локомотива. Така што, ако имаме електрична, ем ќе е поевтино ем еколошки е подобро”,
рече Николоски во синоќешното гостување во емисијата „Само интервју” на ТВ Канал 5.
Тој најави и дека ќе има набавка на нови електрични локомотиви, за што веќе се договориле со Европската банка за обнова и развој.
„Се договоривме со Европската банка за обнова и развој за набавка на најмалку пет електрични локомотиви, нагласувам електрични, тоа е во насока на оваа зелена агенда којашто ја тераме. И второ, при крај сме на договор со Светска банка за набавка на 5 до 7 патнички гарнитури, а дополнително на тоа од сопствени средства, затоа што ‘Македонски железници – транспорт’ е веќе во далеку подобра финансиска состојба, очекувам два воза да набават во текот на следната година. Значи, ќе имаме девет нови воза во следните две до три години и пет нови локомотиви”,
додаде тој.
