Првата пратка од 30 илјади дози вакцини се обезбедени преку заем во рамките на веќе утврдена меѓународна соработка од соседните држави, во конкретниот случај со УНИЦЕФ/Албанија
Досега речиси 25 000 граѓани се пријавиле за вакцинација против сезонски грип на интернет-страницата vakcinacija.mk, соопштија денеска од Министерството за здравство, повикувајќи се на информации од системот „Мој термин“.

Вакцинацијата се очекува да почне од 16 до 30 октомври.
Првите 30 000 дози на вакцини се од GCFLU Multi inj., производ на компанијата GC Biopharma Corporation, Кореја.
Станува збор за тривалентната вакцина GC Biopharma – Influenza Vaccines за 2026 година, која е одобрена од Светската здравствена организација и ги исполнува строгите критериуми за квалитет, односно задолжително е обезбеден сертификат за квалитет, издаден од производителот и сертификат од референтна лабораторија за контрола на квалитетот од ОМЦЛ-мрежата (Official Medicines Control Laboratories).
Првата пратка вакцини, според Здравство, се обезбедени преку заем во рамките на веќе утврдена меѓународна соработка од соседните држави, во конкретниот случај со УНИЦЕФ/Албанија.
„26 илјади дози вакцини против грип се од компанијата ‘Санофи‘ и се очекува да стигнат до 15 ноември“,
додаваат оттаму.
Во тек се разговорите за другите 24 илјади дози вакцини.
„Приоритетните групи за вакцинација ќе ги утврди Комисијата за имунизација“,
посочија од ресорното министерство.
Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за ризични групи граѓани – лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, како и деца на возраст од шест месеци до пет години.
