„За еден месец ќе започне монтирањето на седумте реквизити набавени со претходниот договор, паралелно со уредувањето на просторот, за да се создадат услови овој дел од паркот да започне со работа“, се вели во соопштението од градската управа
Скопје ќе добие современ лунапарк до крајот на 2027 година согласно рокот за реализација на проектот предвиден во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Ова денеска го соопштија од Град Скопје, по објавите во дел од медиумите дека е раскинат договорот со фирмата „Мастеф“ за изградба на лунапаркот, што беше склучен во мај годинава, со што може да се одложи финалната реализација на проектот.

Во соопштението објавено на фејсбук-страницата на Град Скопје се вели дека договорот склучен по новиот тендер за набавка на реквизити за лунапаркот е раскинат спогодбено со цел да се избегне двојна набавка на иста опрема и непотребно трошење на јавните средства.
Оттаму појаснуваат дека по раскинувањето на претходниот договор за набавка на реквизити, склучен во времето на поранешниот градоначалник Коце Трајановски, фирмата повела судска постапка против Град Скопје. Судската одлука во корист на фирмата, со која Градот е обврзан да ги плати реквизитите е донесена откако веќе бил склучен договорот по новиот тендер.
„Новата набавка опфаќаше и реквизити превидени со претходниот договор, со што е одлучено новиот договор да се раскине спогодбено. На тој начин се спречува непотребно дуплирање на опремата и дополнително оптоварување на градскиот буџет“,
се вели во соопштението од градската управа.
Според Град Скопје, оваа одлука не го менува рокот за изградба на новиот лунапарк.
„За еден месец ќе започне монтирањето на седумте реквизити набавени со претходниот договор, паралелно со уредувањето на просторот, за да се создадат услови овој дел од паркот да започне со работа“,
додаваат оттаму.
Според најавите, со новиот тендер што дополнително ќе биде објавен, ќе се набават дополнителни реквизити, меѓу кои ролеркостер и панорамско тркало, со кои ќе се заокружи понудата за забавни содржини.
„На овој начин вредноста на новиот договор ќе биде помала од 10 милиони евра“,
велат од Градот.
Новиот лунапарк ќе се простира на површина поголема од некогашниот, проширувајќи се и на просторот во Градскиот парк каде што се наоѓаа летните дискотеки, отстранети пред шест месеци.
