Според досега обезбедените докази, пријавениот Е.А. во периодот од 2023 до 2025 година бил администратор на домени и веб-страници поврзани со платформа, чии главни корисници биле киберкриминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки и компјутерски мрежи на жртви
Дополнително, додаваат од МВР, обезбедени биле докази дека жителот на тетовска Голема Речица преку апликацијата „Телеграм“ набавувал и поседувал за себе материјали со сексуална злоупотреба на деца
Министерството за внатрешни работи (МВР) во координирана истрага со американското Федерално истражно биро (ФБИ) разбило нелегален онлјан пазар за продажба на украдени лични податоци, пристапни акредитиви и алатки за извршување компјутерски криминал.

Во акцијата, како што соопштија попладнево од Министерството, бил откриен администраторот на нелегалниот онлајн пазар, OVLX, преку кој се нуделе украдените податоци. Станува збор за 20-годишниот Е.А. од тетовска Мала Речица, против кого Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР до Основното јавно обвинителство Тетово поднел кривична пријава поради постоење основи на сомнение дека ги извршил кривичните дела компјутерска измама, злоупотреба на лични податоци и производство и дистрибуција на детска порнографија.
Истрагата, велат од МВР, била спроведена по првично добиените информации од американското Федерално истражно биро за криминалните активности поврзани со нелегалниот онлајн пазар на платформата OLVX.
Според досега обезбедените докази, пријавениот дваесетгодишник од Голема Речица во периодот од 2023 до 2025 година бил администратор на домени и веб-страници поврзани со платформата, чии главни корисници биле киберкриминалци кои купувале и продавале лични податоци и пристапни акредитиви за кориснички сметки и компјутерски мрежи на жртви.
Во периодот во кој функционирала платформата, како што информираат од Министерството, на платформата биле понудени над 1 500 украдени пристапни акредитиви.
„Истрагата дополнително утврдила дека во периодот од 2025 до 2026 година пријавениот администрирал и нелегална онлајн група под името ONEMILI на комуникациската апликација ‘Телеграм’. Преку оваа група биле нудени услуги и софтверски алатки за извршување компјутерски криминал, вклучително и измами поврзани со незаконско враќање парични средства“,
се вели во соопштението.
Дополнително, додаваат оттаму, обезбедени биле докази дека пријавениот преку апликацијата „Телеграм“ набавувал и поседувал за себе материјали со сексуална злоупотреба на деца.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека станува збор за прва заедничка координирана кибероперација со ФБИ, што, според институцијата, го потврдува значењето на меѓународната полициска соработка во откривањето и сузбивањето современи форми на организиран компјутерски криминал.
