Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за ризични групи граѓани – лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, како и деца на возраст од шест месеци до пет години

Граѓаните од ризичните групи може да се пријавуваат за бесплатна вакцинација против сезонски грип на линкот https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu, соопштија од Министерството за здравство.
Со пополнување на формата на интернет-страницата, како што се посочува, граѓаните се регистрираат за вакцинација директно во системот „Мој термин“, по што, во согласност со распоредот предвиден во планот за вакцинација, ќе добијат СМС-порака со информација за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот што ќе го изберат при регистрацијата.
Бесплатната вакцинација против сезонски грип е наменета за ризични групи граѓани – лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, како и деца на возраст од шест месеци до пет години.
Од Здравство информираат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход, особено кај ризичните групи.
Денеска министерот за здравство Сашо Клековски рече дека веќе се реализира дистрибуцијата на вакцините против сезонски грип до центрите за јавно здравје.
