Министерството за внатрешни работи на Бугарија се повикува на уставните одредби што го регулираат екстрадирањето бугарски државјани во друга земја поради кривично гонење

Бугарските власти не презедоа мерки за да утврдат каде се наоѓа Ива Михаилова на територијата на земјата, откако Северна Македонија побара нејзино апсење и екстрадиција. Ова го објави бугарското Министерството за внатрешни работи во врска со, како што велат, бројните медиумски прашања.
„На 13 октомври во 19:38 часот, Дирекцијата за меѓународна оперативна соработка (DMOS) доби порака од Интерпол – Скопје со барање за меѓународна потрага со апсење и екстрадиција на Ива Михаилова, која е државјанка и на Бугарија и на Република Северна Македонија“, се вели во соопштението од бугарското министерство.
Додаваат дека во пораката било наведено оти таа се гони за кршење на сообраќајните правила – кривично дело предвидено во член 300 од Кривичниот законик на Северна Македонија.
„На истиот датум, 13 октомври 2026 година, судот во Кочани издаде потерница за неа. Сепак, во моментов не е издадена црвена потерница на Интерпол за Михаилова“, се додава во соопштението.
Бугарските власти, исто така, наведуваат дека не презеле никакви мерки за да утврдат каде Михаилова се наоѓа во Бугарија.
Министерството за внатрешни работи потсетува на уставните одредби што го регулираат екстрадирањето бугарски државјани во друга земја за кривично гонење.
„Според член 25, став 4 од Уставот на Бугарија, бугарски државјанин може да биде екстрадиран во друга земја или на меѓународен суд за цели на кривично гонење само ако тоа е предвидено во меѓународен договор што е ратификуван, објавен и стапил во сила за земјата“, додаваат од министерството.
Властите, исто така, се повикуваат на член 6, став 1а од Европската конвенција за екстрадиција, според кој секоја договорна страна има право да одбие екстрадиција на своите државјани.
Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера распиша централна и меѓународна потерница по Ива Михаилова откако Основниот суд во Кочани претходно ѝ одреди 30-дневен притвор.
Ден претходно бугарските медиуми објавија дека Михаилова се наоѓа во Бугарија, иако претходно ѝ биле одземени двата пасоша – македонскиот и бугарскиот, како дел од превентивните мерки со кои требало да се спречи нејзино заминување од државата.
Во изјава за бугарската БТВ, таа рече дека одлучила да замине за Бугарија поради влошената здравствена состојба, како и дека тоа го сторила со своите документи за лична идентификација. Според македонското МВР, деновиве не е евидентиран легален излез на Михаилова од државава, ниту легален влез во Бугарија, а истото важи и за адвокатот Николај Димитров, кој тврдеше дека ја придружувал.
Денеска, пак, министерот за здравство Сашо Клековски рече дека бегството на Михаилова во Бугарија се случило пред доаѓањето на бугарскиот лекарски конзилиум во Македонија. Според него, проверките од странските и домашните лекари брзо ќе покажеле дека не постојат медицински причини за нејзиното лекување во странство.
