Според податоците што од собраниска говорница ги презентираше Апаисев, баџанакот на Мицкоски е поврзан со најмалку шест компании, од кои четири во Македонија и две во Бугарија. Меѓу нив ги наведе „Дано транс“, „Интерпласт груп“, „Шалом фуд груп“ и новооснованите „Шалом деливери“ и „Д-Дигитал конто“. Дел од компаниите, како што рече, остваруваат милионски приходи, а во нив се појавуваат роднински и деловни врски
Мицкоски го повика Апасиев да ги повтори тврдењата на прес-конференција, наместо, како што рече, да изнесува лаги и измислици од собраниската говорница
На денешната собраниска седница наменета за пратенички прашања од опозицијата дојде до вербален судир меѓу премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на партијата Левица и пратеник Димитар Апасиев, кој беше проследен со обвинувања, навреди и меѓусебни прозивки.

Апасиев го праша Мицкоски за бизнисите на неговиот баџанак Јорданчо Јанев, познат како Дано, фирмите што ги има во Македонија и Бугарија, како и за тендерот за угостителска услуга од Општина Струмица. Премиерот ги отфрли изнесените наводи и го повика Апасиев да ги повтори јавно надвор од собранска говорница, за потоа да може да ги докаже пред суд.
„Почитуван премиер, денеска ќе ве прашам за тема, во која вие сте најјак, а јас сум најслаб, а тоа е бизнис. На последните пратенички прашања реков дека прашањата ќе ми бидат директни со имиња и презимиња и со слики. Еве слика од вашиот баџанак, лицето Јорданчо Данев-Дано. Има и песна, аџанак-банаџак, на кој му стиска нека дојде. Еве мене ми стиска, па дојдов. Тоа е сродство по сватовство. Значи сопругот на сестрата на сопругата е баџанак. Овој баџанак на премиерот е многу плоден бизнисмен. Тој има и бугарско државјанство“,
вели Апасиев.
Според податоците што од собраниска говорница ги презентираше Апаисев, баџанакот на Мицкоски е поврзан со најмалку шест компании, од кои четири во Македонија и две во Бугарија. Меѓу нив ги наведе „Дано транс“, „Интерпласт груп“, „Шалом фуд груп“ и новооснованите „Шалом деливери“ и „Д-Дигитал конто“.
Дел од компаниите, како што рече, остваруваат милионски приходи, а во нив се појавуваат роднински и деловни врски.
Според Апасиев, дел од компаниите се основани и по промената на власта во 2024 година, a во излагањето посочува и на деловни врски со братучедот на Јанев, Дончо Карастоев, за кого презентира дополнителна мрежа од девет компании.

Апасиев изнесе обвинувања и за деловните активности на Јанев и неговите наводни деловни партнери, посочувајќи дека во 2024 година била основана фирмата „Шалом деливери“, чии содружници, според него, се поврзани со овие бизниси. Како пример го наведе тендерот за свечен ручек за 250 гости по повод празникот на Светите Тивериополски свештеномаченици, за кој тврди дека го добила фирма поврзана со баџанакот на премиерот.
Оцени дека е спорно што, како што рече, првиот тендер на Општина Струмица под новото раководство бил доделен на фирма поврзана со роднина на премиерот, особено затоа што Јанев, според неговите тврдења, бил и кум и покровител на прославата.
Се осврна и на донациите за ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи дека директорката на фирма за консалтинг и сметководство, која ја поврза со Јанев, донирала 2 500 евра на партијата. За Јанев, пак, рече дека од 2019 година, според јавно достапните информации, донирал вкупно 20 000 евра.
Апасиев спомена и наводна хациенда во Струмица, чија вредност ја процени на два милиони евра, како и можни деловни активности поврзани со државно земјиште и субвенции, но нагласи дека за дел од овие тврдења нема потврда.
Апасиев рече дека и братучедот на Јанев донирал 5 000 евра за изборите во 2024 година, по што отвори прашања за потеклото на донациите, поврзаноста на политиката со семејните бизниси и можниот судир на интереси.
„Сакам конечно да расчистиме колку овие донации се патриотизам, а колку се испран бугарски капитал, колку политиката ваша е народна, а колку е фамилијарен бизнис-план, и да видиме кога границата меѓу власта и семејниот бизнис исчезнува, дали корупцијата е поединечен случај или е модел на управување и владеење“,
рече тој.
На крајот од излагањето, тој го сумира прашањето до премиерот со забелешка за фирмата на неговиот баџанак, која го добила празничниот ручек во Струмица, додека неговите фирми во Петрич работат преку границата.
„Дали тоа значи дека во вашето поимање на владеењето на правото, единственото нешто што циркулира навистина слободно меѓу Македонија и Бугарија е профитот за вашите роднини?“,
праша Апасиев.
Мицкоски: Туѓите бизниси ти сметаат, а скапите хотели и шопингот во Солун не
Одговарајќи на прашање за бизнисите на неговиот баџанак Јорданчо Јанев, Мицкоски ги отфрли наводите на Апасиев и го повика јавно да ги повтори тврдењата надвор од собраниската говорница, најавувајќи дека е подготвен да се соочи со него на суд.
„Овде сум јас инфериорен, бидејќи после мене вие ќе излезете и ќе фрлите уште нов грст лаги и клевети. И нормално, како секоја кукавица, ќе ја искористите или злоупотребите собраниската говорница без притоа да имате некаква кривична одговорност ниту за клевета, ниту, пак, за нешто друго. Јас ве поканувам, како голем маж, храбар маж, што не сте, а не обична кукавица, да излезете ова што денеска го кажавте и надвор, пред медиумите, на прес-конференција да го кажете, и тогаш ќе се најдеме во арената каде што вие сте најјаки, а тоа е судот. Па, ќе мора ова што денеска го кажавте да го докажете“,
кажа премиерот од собраниската говорница.

Во однос на обвинувањата за Јанев, премиерот потврди дека тој му е баџанак, односно дека неговата сопруга е сестра на сопругата на Јанев. Мицкоски ја оспори и информацијата дека Јанев добил бугарски пасош во 2017 година, тврдејќи дека го поседува уште од 2003 година.
Премиерот рече дека Јанев потекнува од семејство на двајца стечајци и дека неговиот татко, откако останал без работа во фабриката „Треска“, му дал камион со кој почнал да заработува за издржување на семејството.
Според Мицкоски, Јанев потоа развил сопствен бизнис, кој постои повеќе од 25 години.
„Инаку, да, мене Јорданчо Јанев ми е баџанак, односно неговата сопруга е сестра на мојата сопруга. Не ви е точен податокот дека од 2017 година има бугарски пасош, туку од 2003 година. Инаку, да, тој е син на двајца стечајци, татко му, кога останал без работа во тогашната ‘Треска‘, му дава еден камион којшто тој го вози за да заработи, за да го прехрани семејството кое останало без работа во времето на транзицијата. И потоа развива свој сопствен бизнис којшто трае повеќе од 25 години“,
вели Мицкоски.
Потоа, праша зошто би било спорно доколку Јанев има бугарско државјанство или води бизнис во Бугарија, ако заработените пари ги носи и ги троши во Македонија.
Оцени дека е позитивно средствата заработени во странство да се вложуваат во земјава.
„Јас навистина не можам да сфатам што е грев, па дури и да е бугарски граѓанин, па дури и во Бугарија да прави бизнис во левови, милиони, како што кажувате, и тие пари да ги донесе во Македонија и тука да ги троши. Јас навистина не можам да сфатам што е грев, парите што ги заработуваат луѓето надвор да ги донесат тука, наместо да ги изнесуваат или, да речеме, да летуваат во скапи хотели на Егејското крајбрежје или да шопингуваат во Солун, како што вие милувате да кажете“,
рече тој.
Го обвини Апасиев дека со своите настапи од собраниската говорница изнесува клевети и дека ја навредува и прославата на Светите Тивериополски свештеномаченици, градската слава на Струмица, која, како што рече, се одбележува со децении.
Повторно го повика лидерот на Левица да ги повтори тврдењата пред медиумите, наместо да ги изнесува од собраниската говорница.
„Така што, господине Апасиев, јас најчесно, најпријателски, најдругарски ве замолувам за да ја оттргнеме оваа перцепција дека сте кукавица и дека немате срце, излезете после ова беседа што сега после мене ќе ја кажете на прес-конференција и кажете ја. Немојте вака сега да излегувате тука и да лажете, да измислувате итн.“,
кажа премиерот.
Осврнувајќи се на финансирањето на партиите, премиерот рече дека ВМРО-ДПМНЕ има илјадници донатори, членови и симпатизери кои финансиски ја поддржуваат партијата.
Истовремено, упати обвинувања кон политичките противници дека добиваат хонорари и дневници од партијата, а потоа вложуваат средства во угостителски објекти, меѓу кои кафе-барови и ноќни клубови, од кои остваруваат профит.
Апасиев во контрареплика: Инфериорен сноб со часовници од 60 000 евра
Апасиев во контрарепликата на одговорот на премиерот, повторно ги отвори прашањата за деловните и политичките врски на неговиот баџанак Јорданчо Јанев-Дано. Притоа, презентираше фотографии на кои Јанев е во друштво на актуелниот премиер Мицкоски и на неговиот претходник Зоран Заев.
Потоа упати критики до премиерот за скапите часовници и го потсети на судскиот спор за клевета што го изгубил против него.
„Од сѐ што кажавте, најточно е само дека сте инфериорен. Но, треба да дополните дека сте инфериорен сноб кој носи часовници од 60.000 евра и мисли дека тоа ќе направи некоја поголема вредност“,
рече тој.
Според него, Мицкоски сѐ уште должи судски трошоци од спорот за клевета, во кој премиерот бил застапуван од актуелниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Должите уште судски трошоци од тужбата што ја застапуваше Тошковски. На Апелација сега фатете некоја врска да ви ја поништи таму, инаку судски трошоци должите баш заради тоа што изгубивте спор за клевета“,
кажа Апасиев.
Лидерот на Левица најави дека ќе следуваат и нови објави поврзани со прашањата што ги отвори на собраниската седница, посочувајќи дека партијата располага со дополнителни документи што засега нема да ги објави.
